Се топи ли приказната на Пендаровски за тајни служби?

Ме следи тајна разузнавачка служба блиска до големата опозициска партија, рече кандидатот за претседател на СДСМ и ДУИ, Пендаровски во средата – ама денеска, се предомисли и себедемантираше.

-Станува збор за една тајна разузнавачка служба која е блиска до една опозициона партија, за која јавноста неодамна имаше можност да разбере дека постои. Бидејќи во неколку наврати ме сликаат во движење во град, на јавни места, тоа никогаш порано не се случувало. Се работи за структури блиски до една опозициона партија, голема опозициона партија за која неодамна имаше во јавноста извештаи дека подготвува на дневна основа извештаи и води евиденција каде одам јас, рече Пендаровски, на 6.3.2019

-Зборот „тајна“ не го употребувам во ниеден свој израз, служба блиска до една од опозиционите партии. Ве упатувам на она што го кажа Спасовски на една од седниците за пратенички прашања, како одговор на едно од прашањата, во кое кажува имиња и презимиња на луѓето евентуално инволвирани, и партијата ја кажува, рече денеска Пендаровски.

Всушност се работело за сликање и докажување каква кола вози Пендаровски, објасни премиерот, а информацијата дека бил следен била инструирана од некакви квазипатриотски друштва рече премиерот. Уште еден демант за кандидатот за претседател што тој го избра и поддржува.

-Апсолутно не се тајни служби. Има се уште одредени луѓе кои во својата глава прават некои можности за наводни конструкции и некакви тајни планови , рече денеска претседателот на Владата.

Контрадикторноста , зачинета со збунетост во настапите за тоа кој и дали воопшто го следел Пендаровски, изгледа ја расчисти министерот Спасовски – се работело за две фотографии на Твитер да се открие кој ги објавил.

-Пријавата е дека има неовластено две снимки кои што се објавени на Твитер, одделот за економски и компјутерски криминал презема активности и ќе видиме чиј е тој Твитер-налог, рече денеска министерот Спасовски.

Како од тајна служба блиска до големата опозиција, работата стигна до две фотографии објавени на Твитер останува нејасно, но власта нема намера да и си извини на опозицијата.

-Немам намера на никаква опозиција да се извинувам, додаде Заев.

Првичната изјава на Пендаровски предизвика страв кај граѓаните- оти ако тој е следен, што останува за обичните граѓани. Заев смирува дека сите сме биле безбедни, а МВР и службите си ја вршеле работата. Пендаровски го пријавил случајот во полиција вчера.


Искра Коровешовска