Се ситни тимот околу Заев

Застојот во реформските процеси стана проблем за кој што почнаа да говорат и соработниците на премиерот Зоран Заев. На почетокот на оваа недела професорот Петар Атанасов поднесе оставка од позицијата заменик министер за образование, за сега да најави и повлекување од Централниот одбор на владејачката СДСМ.

Тој како причина за заминувањето од Министерството и партијата ги наведува недоволната реализација на реформите од страна на Владата, поради што патиштата им се разидувале. Атанаасов упати и директна порака до премиереот Зоран Заев, велејќи дека тој веројатно најдобро знае зошто реформите кои се најавуваат не се остваруваат.

-За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија. Се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува, напиша Атанасов.

Контра најавите дека и покрај смената од министерското место во финансии, Драган Тевдовски ќе остане советник, тој сепак ја напушта Владата и Министерството и се враќа на Економскиот факултет каде што беше професор пред министерската функција.

-Благодарност до вработените во Министерството за финансии што беспоштедно работеа да ги спроведеме реформите. Најголемата награда за мене за овие две години, доаѓа деновиве кога насекаде граѓани ме застануваат и ми велат: „браво и главата горе”. Тоа е за мене најдобриот начин да се излезе од едно министерство. И затоа со главата горе и целосно посветен се враќам на Економскиот факултет, напиша Тевдовски на Фејсбук.

Реформите кои треба да се реализираат се услов и за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, Законот за јавно обвинителство е еден од главните услови за напредот за добивање датум за старт на преговори за членство во ЕУ, а францускиот амбасадор спомена и уште неколку проблеми, меѓу кои како најголем ја стави корупцијата.

Матеја Петровски