Се распаѓа ли сценариото на власта за двотретинска поддршка на уставните измени?

Се зголемува листата на пратеници од опозицијата кои нема да го притиснат копчето ЗА во Собранието за промена на Уставот со цел промена на уставното име. Од вчера социјалните мрежи преплавени со фејсбук статуси каде пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата јасно го кажуваат својот став .

Димитар Стефананџија, Јохан Тарчуловски, Влатко Ѓорчев, Невенка Стаменковска се само дел од пратениците кои истакнаа дека нема да го притиснат копчето ЗА  во законодавниот дом и нема да го дадат својот глас за промена на Уставот со цел промена на уставното име.

Како народен претставник непосредно избран да ги застапува граѓаните во Собранието, сум дал свечена изјава дека ќе го почитувам Уставот и ќе ги бранам интересите на Република Македонија.  Како пратеник, немам ниту мандат, ниту овластување, а ни лична намера, да гласам за било какви измени во Уставот со кои би се променило уставното име на мојата Татковина – Република Македонија, пишува пратеникот Зоран Илиовски на својот фејсбук профил.

Пратеничката Нола Исмајлоска Ставрова од ВМРО-ДПМНЕ предизвика забуна кај граѓаните кои го прочитаа нејзиниот фејсбук статус.Дел недвосмислено разбрале дека таа нема да го поддржи Преспанскиот договор, но и граѓани кои пораката ја доживеале како најава дека Исмајлоска – Старова ќе ги поддржи промените на Уставот согласно Преспанскиот договор. Откако во коментарите од неа беше побарано да даде дообјаснување пратеничката на својот статус напиша дека нема да гласа на 30 август и ги смири страстите меѓу граѓаните.

На социјалните мрежи се огласи и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски кој истакна дека нема да излезе и да го даде својот глас на претстојниот референдум.

Совеста не ми дозволува да излезам на референдум кој е длабоко манипулативен, а верувам дека овој став ќе преовлада и кај најголемото мнозинство граѓани на Македонија. Истовремено, доколку власта, независно од ваквата подмолност, одлучи да ја продолжи постапката во Собранието преку уставни измени за промена на уставното име, недвосмислено нема да ги поддржам истите.

На власта моментално и се потребни 7 пратеници за обезбедување на двотретинско мнозинство за изгласување уставните измени.

Мери Ѓорѓиевска