Се предомислува ли власта за јавно-приватните партнерства?

Се предомислуваат ли здравствените власти за концептот јавно-приватно партнерство за Итната медицинска помош во пакет со домашната посета? Пола година се чека физибилити студијата што требаше да ја оправда идејата на властите, приватниот сектор да ја финансира и да стопанисува со оваа служба.

Од Министерството за здравство, по едно неделен молк, за Алфа велат оти и по шест месеци физибилити студијата не е готова, иако договорот со фирмата изведувач, кој на бирото за јавни набавки беше објавен во март, е склучен уште во јануари годинава. Студијата требаше да биде готова за 60 дена, но од министерството и за оваа анализа го продолжиле рокот.

-Физибилити студијата е во фаза на изработка, а по завршувањето таа ќе биде презентирана во јавноста. За изработката произлезе дека е потребно повеќе време од предвиденото во тендерската документација и поради тоа е потпишан анекс на договорот во однос на рокот, со цел да се добијат точни податоци за фактичката состојба, наведуваат од Министерството за здравство.

Министерот Филипче, во текот на изминатите месеци постојано посочуваше дека на службата за Итна помош ѝ недостасува персонал. И вети дека со нови вработувања ќе се реши проблемот.

Ова сè уште не се случи. Во моментов има 40 лекари, а само во Скопје недостасуваат уште толку. Вработените таму одат во дупли смени за да спасат човечки животи, па иако владата набави 12 нови возила, нема доволно персонал за да се формираат неоходните екипи.

Министерот Филипче претходно, ни за момент не отстапи од идејата за јавно приватно партнерство за Итната медицинска помош, велејќи дека така би требало да функционираат и други здравствени установи.

Но, по реакциите на лекарите, особено на Синдикатот на Клинички центар, идеите за т.н. јавно-приватно парнерство, како да се на „стенд бај“. Особено откако во предизборната кампања премиерот Заев изјави дека ќе се затвораат државни болници што не се доволно конкурентни на приватните.

Сања Трајковска Ставров