Се погласни шпекулациите дека Зоран Заев ќе биде македонско – албански кандидат за Претседател

Дали последната анкета е ветер во грб за премиерот како консензуален кандидат да го искачи патот од Бихаќка, преку Илинденска до вилата Водно? Бројките дека Заев ја ужива најголемата поддршка кај албанската заедница и прилично висока кај Македонците за иден шеф на државата- влетуваат во време кога, како што пред четири дена објави Алфа-коалиционите партнери на Заев се сомневаат во искреноста на премиерот дека нема да се кандидира за претседател. Истите извори за Алфа и денеска потврдуваат дека меѓу клучните партнери во власта, интензивно се дискутира веќе подолг период оваа тема, и оти не е точно она што Заев го изјави пред еден месец, дека „од него има подобри кандидати и оти имал намера да си остане на премиерската функција до крај на мандатот“.

Во прилог на ова зборува и самиот Заев денеска за весникот „Независен“. Цврсто не ја демантира својата кандидатура за консензуален претседател, ами заобиколува поентирајќи дека сега не е време неговата партија да ја отвора темава.

Нема да ја отвораме темата, ниту, пак, нешто ќе разговараме за тоа во политичките кругови пред одлуката на парламентот за уставните измени, вели Заев.

Извори за Алфа меѓу коалиционите партнери во власта откриваат дека планот е „сценариото на српскиот претседател Вучиќ“, кој до последно тврдеше дека нема да учествува во претседателската трка.

Инаку во врска со претседателските избори, лидерот на ЛДП, долгогодишниот партнер на Заев, јавно изрази разочараност од него, па дури и порача дека многу е веројатно неговата партија сама да ја трча рутата за претседател, односно да понуди сопствен кандидат.

Неофицијално, кандидатот е одбран, само се чекало конечното изјаснување на премиерот дали сепак ќе одлучи да се бори за шеф на државата.

Како што објави Алфа пред околу еден месец албанската опозиција е воздржана на прашањето за Заев. Беса на Гаши, пак го смета за етаблиран политичар. Анкетата на премиерот се објавува во време кога незадоволство од владеењето на СДСМ има не само од ЛДП, туку и од НСДП, партијата на Турците, како и оние од десниот блок – ДОМ, партијата предводена од Стојанче Ангелов.

Бројките во анкетата велат дека Заев за претседател би го гласале 10,2 проценти од Македонците, а 11,2 проценти од албанските гласачи. Но, она што е индикативно е лидерската позиција на првиот човек на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, која ја ужива највисоката поддршка кај Македонците од сите на листата, односно, 11,9 отсто. Спроведена е во период пред гласањето на законот за амнестија односно од 7 до 14 декември на примерок од 1014 испитаници.

Искра Коровешовска