Се исполнуваат желбите на Грција: Не е случајно што стануваме Северномакедонци со северномакедонска нација

-Северномакедонци, ни порача Габриел Ескобар

-Северномакедонци, ни порача Макрон

-Северномакедонско, ни порача Макрон

-Северномакедонци, ни порача Лорд Џорџ Питерсон

-Дали има посебна северномакедонска нација? гласеше прашање до Османи.

По се изгледа одговорот е да.  Измурањето на македонската и раѓање на северномакедонска нација, беше и е целта на Грција со потпишувањето на Преспанскиот договор, смета поранешниот амбасадор Јован Донев. За Алфа вели јасно е дека полека оваа цел официјална Атина си ја исполнува, доказ за тоа е што и за најголемите светски лидери, веќе станавме Северномакедонци кој говорат северномакедонски јазик. 

-Грција и денес не признава постоење на македонска нација, не признава македонски јазик, тоа ни е кажано, тоа ни е јасно ставено на знаење. Така да таа политика сакаат Грците да си ја завршат. Па и изјавата на Макрон, на Ескобар, на Бугарите е токму во таа функција. Како резултат на Препсанскиот договор елиминирање на македонската нација во политичка и во етничка смисла на зборот и формирање на нова Северномакедонска нација, вели Донев за Алфа.

Вели веќе не се важни сегашните и минати генерации, туку идните. Кај нив ќе остане одомаќинето она кое што сега го слушаме од светските лидери, односно тие ќе си ја прифатат перцепцијата дека се Северномакедонци, доколку власта кај нас не преземе нешто на ова поле.

-Во оваа игра живите генерации не се важни, оние кои сега се жители на Република Македонија, се Македонци, тие не се воопшто важни, важни се новите генерации, тие што допрва се раѓаат и затоа вие имате инсистирање и за промена на учебници, усогласување на учебниците. Ако може да го издржи тоа државата, зошто и ова е нова држава северномакедонска држава која треба да работи сега на создавање северномакедонска нација, вели Донев.

Станувањето на македонската нација северномакедонска не му се допаѓа ниту на оној кој доведе до ваквиот момент, потписникот на Преспанскиот договор, поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.

-Затоа секоја употреба на терминот “северномакедонци” освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор.  Очигледно е потребен далеку посериозен фокус на нашата дипломатија за овој недвосмислен наратив да се промовира во меѓународните односи и да се превенира оваа појава бидејќи се чини дека во последниве месеци тоа никој не го работи. Тоа е недозволиво, напиша Димитров на Фејсбук.

Она што е проблем е што ретко реагираат македонските власти, министерот за надворешни работи само еднаш го дообјаснуваше Макрон, велејќи дека направил грешка за која се извинил.

Матеја Петровски