Се изнаслушавме па дури и лента се сечеше за нов клинички, но досега не никна – има ли надеж?

Дали со најавата за катна гаража на комплексот клиники “Мајка Тереза” паѓа во вода изградбата на нов Клинички центар? Според тоа како течат плановите на здравствените власти, темелите на Клинички нема да бидат удрени ниту следната година. Министерот Меџити песимистички, вели дека не сака многу да ветува, ама уверува дека ќе направи се што е во негова моќ.

Ништо не сакам да ветувам во тој правец, многу е комплексен и голем е проектот за нов Клинички. Јас би кажал дека тој проект е уште поголем него коридорот 8 и 10.  Ние имаме направено таква пресметка, само да се финансираме и има заинтересирани страни за да го изградат не само Клиничкиот центар туку и концептот со регионални центри – вели министерот за здравство Фатмир Меџити.

Меџити останува на идејата за спојувањето на клиниките во еден Клинички центар, што ќе го води само еден човек, а сите економски и медицински директори одат во историја. Министерот вели дека со тоа ќе спаси голем дел на финансиски средства. Но дали тоа ќе биде реализирано? Според неговите претходници министри, пречка ќе биде политичката одлука бидејќи е период пред избори и треба се укинат повеќе од 50 –тина директорски позиции, половината организациски односно економски менаџери кои се партиски кадри од власта, ќе треба да останат без работа. Мнозинството од нив се од ДУИ, а Меџити доаѓа од Алијанса за Албанците.

Јас би сакал да почне да функционира од јануари 2024 година затоа што тогаш се прават и пресметките во Фондот за здравство, со цел парите што ги губиме со заедничките служби, директорите, со набавката на лекови и сѐ друго, да ги користиме за пациентите. Во моментот, 20 милиони евра се во минус заедничките служби, кујната е четири милиони евра и не се знае кој го чисти ходникот, а кој прозорецот. Имаме проблем и во професионалниот дел на работењето на клиниките. На пример, во конзилијарните мислења дали докторот сака или не, затоа што тоа се посебни субјекти, рече Меџити.

Што се однесува до новиот клинички центар, и покрај 14 години сменети министри, предизборни ветувања, физибилити студии, па дури и сечење црвени ленти, тој остана на хартија само.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста