Се зголемува фронтот против криминалите и корупцијата – БЕСА и Алтернатива потпишаа договор за соработка

Владата на Ковачевки и Ахмети пред нова политичка закана, се окрупнува опозицискиот блок против политиките на СДСМ и ДУИ. Довчерашните ривали денеска официјално станаа соработници, БЕСА и Алтернатива потпишаа декларација за соработка и координирање на политичките активности во насока на градење опозициски камп.
Со оваа декларација, како што наведуваат од партиите на Касами и Гаши, се изразува подготвеноста на двете партии за заедничка борба за како што велат штитење на стратегиски интереси на земјата и против корупцијата на партиите на власт.

„Наоѓајќи се во важна пресвртница, кога процесот на интеграција е во застој, кога политичката корупција стана единствениот успех на оваа Влада, а правата на етничките Албанци повторно се ставаат во неповолна позиција, историскиот момент наметнува сите албански политички сили, но не само политички, да соработуваат за делегитимирање на оваа корумпирана, неспособна и штетна власт за интересите на државата и на Албанците“, се наведува во соопштението.

Од Беса посочуваат дека со потпишувањето на заедничката изјава од страна на Касами и Гаши формално се официјализира договорот за соработка меѓу двете партии, при што се остава простор за приклучување и на други фактори кон овој блок.
Дека соработката на албанската опозиција се засилува и се формура еден блок против ДУИ и нивното владеење, е и последната неофицијална информација дека Беса, Алтернатива и неколку невладини организации формираат контра блок од оној на Ахмети, Фронт за ЕУ. Гласините се дека блокот ќе се вика „Обединети за ЕУ“. Незадоволните од ДУИ засега не се дел од овие проекции, но не се исклучува можноста за нивно приклучување на иницијативата, докoлку добиват „црвен картон“ од Мала Речица.

Дека на власта, особено на Ахмети не му оди од рака во последно време е и самиот факт дека во партијата се случува огромен раскол, за кој дел од аналитичарите велат дека ќе биде скапо платен на изборите идната година.

Мери Симоновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста