Се затвораат месните Матични служби во населените места-жители од долненско со протести и петиции си ги бараат назад
Се затвори месната Матична служба во долненското село Костинци која постои подолго од еден век. Над 3.500 жители, претежно возрасни земјоделци од 12 околни и се’ уште живи села, сега, за еден обичен извод ќе треба да патуваат преку 70 километри до Подрачното одделение во Прилеп. Крајно изреволтирани, тие преку мирен протест и со петиции си ја бараат Матичната служба назад.
„Матичнава служба ни беше прозорец кон светот за сите, а сега ќе ни ја земат и нејзе и што направивме ние ?! Причината е да го доуништат селово, да допропадне. Еве, почнавме да градиме куќи сите што се враќаме назад, ама овие сакаат да го уништат и тоа, и да го исчистат местово. Зошто да одиме во Прилеп кога од дедовците наши, татковците, овдека била таа?! Што е проблем да си остане?! Објектот е готов, направено е се’ готово. Овде беше општина, главна општина, општина Костинци беше едно време“, плачејќи ни рече Живко Савески од с. Костинци.
„Овде се претежно стари луѓе. За една умреница треба да одиме ние Прилеп или каде било. Како ќе појди еден стар човек да извади една умреница или да го пријави, или да го одјави ?! Татко ми уште бил матичар бил овде, а татко ми е починат на 90 години. Овде да си остане, за сите 12 села овде што се..Да оди Прилеп да се малтретира? Тоа е срамота!“– вели друг возрасен жител на с. Костинци.
„Со матичарите кои што работеа овде сме си како фамилија. Во секое време ни беа на располагање за сите наши потреби. Ноќе, дење, празник, делник. За час се бркаа работите. А сега ќе треба многу да денгубиме“, разочарано раскажува Муарем Синаноски од с. Пешталево.
„Имав едно внуче, болно ми беше. За Турција го носев, сега пред два месеци. Во 10 ноќе, дојде, ми отвори, ни даде документи за снаата, за синот и за внучето, операција се правеше од тумор во Турција, мораше да одиме под итно, имавме закажано. Кога ќе одам јас Прилеп да го молам – дај ми извод, да можам да заминам?!“, – ни кажа Муарем Синаноски од с. Пешталево.
И од ПО на Матичната служба во Прилеп признаваат дека Месната канцеларија во Костинци треба да остане и да продолжи со работа, пред се’ заради големиот обем на работа, каде месечно се изадваат над стотина изводи што било повеќе дури и од Крушево и Македонски Брод. Но, по Одлука на Управата за водење на матичните книги при Министерството за правда, сите помали месни канцеларии на Управата на територијата на РМ ќе биле затворени заради намалување на трошоците на Службата, но и заради дигитализацијата на системот. Ова пак, ќе биде дополнителен проблем ако се знае дека во поголемиот дел од населените места интернет комуникаиијата е слаба, а населението е електронски неписмено, велат од прилепската Матична служба каде има и неодстиг од кадар.
Каролина Дурло