Се гине на работа, потребни се и свест и Закон – за секој загинат работник лани, засадени 33 дрвца

Со едноминутно молчење, синдикалните организации им оддадоа почит на загинатите 33-цата работници кои животите ги загубија минатата година. Во нивна чест, Македонското здружение за заштита при работа по повод 28 Април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, засади по една садница за секој поединечно.

Овие засадени 33 дрвца се во чест на загинатите работници. Синдикалните организации велат заштитата на работните места од страна на надлежните е многу слаба.

Дека се почесто се гине на работа, потврдуваат и од Македонското здружение на заштита при работа. Велат дека по еден работник неделно го губи животот на работно место. За ваквата црна статистика да се намали, потребни се и свест и Законска регулатива.

Според годишниот извештај за несреќи при работа што Милан Петковски, претседателот на МЗЗПР, го презентираше денеска, Скопје е град со најголем број несреќи, а по него следат Гостивар и Штип. Тој кажа дека годинава во Скопје, Штип и Струмица се случиле најголем број смртни случаи поврзани со работното место.

Како најопасни професии кои земаат најмногу човечки животи се оние во земјоделството, во транспортните дејности и градежништвото.

– Од извештајот, лани се случиле 124 несреќи при работа. Од нив 33 беа фатални. Така, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 4,34 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат четири до пет вработени. Стапката на смртни случаи при работа е зголемена во споредба со 2017 година, кога изнесувала 3,22. Кога, пак, како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа лани изнесувала 16,33 што покажува дека на секои 100.000 вработени, се повредуваат од 16 до 17 вработени. Споредбено со 2017 година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 18, стапката на повреди лани незначително се намалила, рече Петковски.

Според Петковски, високите бројки на несреќи се резултат на застојот кој постои во пренесувањето на пораките до газдите за превентивно делување за заштита на своите работници.

Според извештајот на Здружението, лани се случиле 124 несреќи при работа. Тврдат дека стапката на смртни случаи е – на секои 100.000 вработени, 4 до 5 загинати работници. Петковски вели и дека од година в година, наместо да се намалува, црниот биланс расте.

Најмногу несреќи се случиле во јуни, на лица помеѓу 25 и 34 години, а во октомври најголем број на смртни случаи, на возраст од 45 до 54 години.

Борис Грујоски