Се враќа ли насилството на прилепските улици ?!

41-годишниот прилепчанец, со иницијали С.Б. се бори за живот, откако во саботата бил претепан од четворица насилници, на улицата „Тризла“ во Прилеп. Претепаниот прилепчанец е во кома, во живот се одржува со помош на апарати и не е контактибилен. Во тепачката, на која најпрвин и претходела вербална расправија за банална причина – разминување на улицата, тешко е повереден и братучедот на првоповредениот, со иницијали А.О. Според прилепското Обвинителство кое отвори истрага против четири лица, осомничените во присуство на голем број граѓани, ја загрозиле сигурноста и нанеле тешки телесни повреди на двајца оштетени, а во исто време, со ова дејствие во јавноста предизвикале и општо чувство на несигурност, загрозување и страв.

Ова, е само последниот од неколкуте последователни инциденти во градот под Марковите Кули, за период од неполн месец. Минатиот викенд, мајка на тешко повредено момче, пријавила дека нејзиниот син, наводно бил претепан од обезбедувањето на еден клуб, а ноќта, на 11-ти октомври, во период од само неколку часа, биле пријавени дури три, засебни случаи на сериозно физичко насилство, претежно помеѓу млади луѓе, кои само случајно, за среќа не завршиле со фатални последици по учесниците.

Вознемирени од ваквите зачестени насилства, прилепчани бараат поголема ажурност од полицијата, бидејќи како што велат, жртви можат да бидат и случајни минувачи.

Инаку, Прилеп во последниве години важеше за еден од најбезбедните градови, после периодот од едно неславно минато, кога тепачките, такаречи беа секојдневна појава.

Каролина Дурло