Се враќа калдрмата: Штипско Ново Село ќе го враќа својот автентичен изглед

Штипско Ново Село ќе го враќа својот автентичен изглед. На неколку улици ќе се постават камени плочи, со што оваа населба позната по своето револуционерно минато повторно ќе ја врати калдрмата. Проектот ќе чини 7,5милиони денари, а локалната самоуправа овие средства ги обезбеди преку Бирото за регионален развој.
„Очекувам веќе од наредниот месец, да се добијат потребните конзевраторски дозволи за да се распише тендерот за реализација на овој проект. По завршувањето на првата фаза, исто така се планира дополнителни средства да одвоиме како општина, за останатите улици, како втора фаза, да бидат поплочени догодина„ изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Освен поставување на калдрма, се планира и ревитализација на дел од старите куќи прогласени за споменици на културата. Четири се во сопственост на општината. Во моментот се подготвува проектна документација, но за нивна целосна реконструкција се потребни поголеми финансиски средства.
„Се надевам дека ќе се најде начин на финансирање и очекувам до крајот на мојот мандат тоа да биде завршено како една целина„- рече Јорданов
Но денес, од овие куќи, кои датираат од 17 и 18век е останато само руина и ругло, а жителите подолго време алармираат дека преставуват сериозна опасност по нивниот живот. Според кажувањата во нив се родени околу 50 македонски познати научници, лекари, војводи, комити, револуционери, но и атентатори.
Александра Ристевска