Се врати од Брисел и го снема- Ковачевски исчезна откако кажа дека го одбил францускиот предлог

Скопје- Софија дистанца од само 240 километри, но како да се илјадници кога е во прашање транспарентноста на властите. Димитар Ковачевски после Брисел како да исчезна, за разлика од него Кирил Петков секојдневно ја информира бугарската јавност за спорот со Македонија. Уште во Брисел со победнички наратив порачува дека условите и уцените на Бугарија, сега станале и услови на Европската Унија.

-Тие ги разбраа условите кои што се важни за Бугарија и тие услови всушност се европски. Многу е важно правата на Бугарите да се заштитени во Македонија. Тоа е европско видување и европска обврска, тоа да се случува не само за нив, туку за сите луѓе кои сакаат да членуваат во оваа унија. Така што бугарските барања всушност тие се реално европски, изјави Петков.

По враќањето од Брисел, Ковачевски нема ниту статус на Фејсбук, а веќе трет од неговата Пи-ар служба не одговараат на прашањата на Алфа, околу францускиот предлог. Повторно различна е состојбата во Бугарија. Од белгиската престолнина, Петков директно влезе во студионот на државното радио, од каде повторно испрати победничка порака.

-Ако Северна Македонија се согласи со францускиот предлог, во Уставот на Северна Македонија ќе влезат Бугарите пред да почне преговарачкиот процес. Второ, имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и за дискриминацијата. Трето, имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија, изјави Петков.

По Брисел покрај премиерот молчи македонскиот претседател Стево Пендаровски, што не е случај со неговиот бугарски колега Румен Радев. И тој пред медиумите говореше славенички.

-Знаете дека јас одамна настојувам, македонските Бугари да бидат впишани во Уставот. „Францускиот предлог содржи многу од основните бугарски барања, но можеше да биде многу поуспешен воопшто, вклучително и бугарско-македонскиот протокол, доколку нашите политичари посветија многу, многу повеќе внимание на целиот овој процес, изјави Радев.

Додека јавноста бара одговори на многу отворени прашања, Владата како да зенемела. Алфа телевизија три дена чека на одговор дали имаме подготвени барања за промена во францускиот предлог или можеби имаме наш предлог, со цел крај на спорот со источниот сосед.

Матеја Петровски

Поврзани вести