Се ближи времето за исклучување, но не се знае дали Владата ќе им покрие 40 милиони евра долг на државните компании

Сè уште не се знае на колку државни фирми кои должат премногу за струја Владата ќе им помогне директно од буџетот. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не потврди дали ќе има пари за сите. Не се знае ниту дали ќе има одговорност и ќе им се поделат откази на несовесните директори. Битиќи вели поради тоа што е крај на календарската година, буџетот е заокружен, па Владата морала да се фокусира на приоритетите. Вкупните долгови за струја се проценуваат на 40 милиони евра, а најмногу 7 милиони евра должи Клинички центар. ЕВН веќе почна да им доставува опомени за исклучување.

Претставниците на Европската банка за обнова и развој без коментар дали заемот на ЕБОР од 100 милиони евра наменет за помош на државните електрани бил повлечен бидејќи беше заглавен во законодавниот дом. Велат државата засега нема испратено барање за промена на условите. Препукувањњата меѓу власта и опозицијата траеја со месеци. ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека договорот за заем е условен со затворање на Осломеј во 2023 и РЕК Битола до 2027 година. Битиќи тврди дека тоа не е точно. Роковите пропишани во енергетската стратегија претрпеле ревидирање и никаде не стоело дека РЕК Битола ќе се затвори.

Надлежните упорно велат дека и покрај проблемот со заемот од ЕБОР, има доволно пари за финансиска поддршка на АД ЕСМ. Со околу 200 милиони евра треба да се купува струја, јаглен, мазут и гас за потребите на термоцентралите и топланите во Скопје, а помош е предвидена и од буџетот за догодина за енергетска сиромаштија, односно за субвенционирани сметки за струја за најранливите категории граѓани.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста