Сестрата од Онкологија што доби втора шанса да краде цитостатици не се појави на распит пред обвинител

Медицинската сестра А.О. од Скопје, која во два наврати беше фатена во кражба на цитостатици на Клиниката за онкологија при Клинички центар „Мајка Тереза“, им бега на органите на прогонот. Таа, според потврдата која „Слободен печат“ ја доби од Обвинителството, не се појавила на распитот на кој била повикана. Во моментот истражните органи ја проверуваат нејзината достапност. Според наши информации што ги објавивме пред 3 недели, сестрата е во Германија. Повеќе од извесно е дека ќе има обвинение, а ако не се врати од Германија ќе ѝ биде судено во отсуство.

За А.О. има две кривични пријави кои што Министерството за внатрешни работи ги поднесе до Обвинителството. Првата се однесува на кривичното дело кражба и е од 2020 година. Второто се однесува на кривичното дело „послужување“. И двете дела се за крадење цитостатици, но не значи дека Обвинителството ќе ја гони за „послужување“. Зависно од доказите, можно е Обвинителството да го преиначи кривичното дело во „кражба“.

Според информациите кои „Слободен печат“ ги објави уште кога се случи кражбата, медицинската сестра А.О. во својот автомобил „рено клио“ имала голем број на различни цитостатици, ампули кои што ги зела  од болницата каде што работела со пациентите кои имаат рак. Иако таа не била задолжена да ги раствора ампулите во физиолошкиот раствор, односно да ги подготвува цитостатиците, сепак имала пристап до лековите во дневната болница. Првата кражба пак, од 2020 година ја извршила пред двајца сведоци кои забележале цитостатици во нејзината ташна. Веднаш ѝ пријавиле на главната сестра, која го известила медицинскиот директор од тоа време доктор Нино Васев.

Но, после шест месеци и без кривична одговорност, А.О. поднела тужба да се врати на работа и така ја добива „втората шанса“ за кражба од 2023 година. Во пандемијата со ковид-19 таа била прераспределена да работи во Ковид центарот на Инфективната клиника, а кога се вратила повторно на Онкологија, следувала и втората кражба. Пред да ја изврши втората кражба, таа им ги колнела децата на сестрите што ја пријавиле првиот пат. Всушност, болницата за Онкологија ги ставила пријавителките на тој криминал во незаштитена положба да бидат малтретирани и да им биде влијаено како сведоци. Пред полицијата да ја затекне А.О. со ампулите во автомобилот, имало дојава до полицијата што значи дека сестрата била под посматрање од колегите.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста