Серија дојави за поставени бомби во училишта, хотели и спортски објекти

Дојавувачите без пауза. Серија закани за поставени експлозивни направи во повеќе институции во земјава. За прв пат дојава за бомба и на скопскиот аеродром. За кратко запре авиосообраќајот, а вработените и патниците експресно беа евакуирани. Антитерористичките тимови на МВР ги проверија аеродромскиот терминал, кулата за контрола на летање, пистата и авионите па констатираа дека дојавата е лажна. Од меѓународниот аеродром во Скопје велат дека летовите не биле откажани, туку само времено одложени додека траеле анти-терористичките проверки.

– „Би сакале да ја известиме целата јавност и нашите патници дека нема откажани летови и дека авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје продолжува по регуларниот распоред“ – Соопштија од скопскиот аеродром.

Лажна дојава за бомба го евакуираше и скопскиот хотел „Александра Палас“, каде требаше да се одржи конференција на Стопанската комора, на кој што беше предвидено да говори и премиерот Ковачевски, а присутните и гостите го напуштија објектот. На списокот на дојавувачите денеска се најдоа и повеќе спортски објекти, зградата на Фудбалската Федерација на Македонија, 15 училишта во Скопје и Битола, трговскиот центар Ист Гејт и 3 хотели. Сите се лажни.

– „Дo сега во СВР Скопје и СВР Битола било пријавено дека на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел Александар Палас, хотел Мериот, трговски центар Ист Гејт, спортска сала Борис Трајковски и Меѓународен Аеродром Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа.“ – Информираат од МВР.

Инаку, вчера рекорден број од 49 училишта во Скопје и Куманово добија дојави за поставени бомби на своите електронски адреси, а денес за прв пат, под закана беше и Битола.

Никола Цветкоски

Advertisements