Серијата „Бистра вода“ и Алфа ТВ добија пет признанија од МАН
Бистра Вода, серијата во продукција на Алфа Телевизија доби три признанија од Македонската асоцијација на новинари. Наградени се режисерот Јани Бојаџи, Валентин Видовиќ, човекот задолжен за тонот на овој проект, како и Игор Василев, композиторот на песната за оваа серија. Бојаџи потенцираше дека оваа награда посебно му значи, бидејќи станува збор за македонска серија, која е продукт на вработените во Алфа телевизија.
-Сакам да знаете една работа, дека Бистра вода е производ на телевизијата. 95 проценти од креативата и продукцијата се вработени во Алфа Телевизија. Немаше ова да биде возможно без цела телевизија. На крајот на краиштата сфативме дека ние сме еден голем конгломерат, кој ако работи заедно и сложно, резултатите се возможни. Бистра вода го покажа тоа, изјави Бојаџи.
Нашиот медиум доби уште две признанија, едното за Искра Коровошевоска и за Матеја Петровски, за најдобар репортер во Македонија. Покрај тоа признанија добија и новинарите Бранко Героски, Предраг Димитровски, Бранко Јаневски, Наташа Хаџиспиркоска Стефановиа и други. Инаку МАН денеска го избра и новото раководство. Претседател останува Ивона Талевска, нејзини заменици Цветин Чилиманов и Матеја Петровски, додека функцијата генерален секретар ќе ја извршува Драган Павловиќ Латас.