Невладини здруженија со сериозни обвинувања за негрижа и за малтретирање на деца без родители

Сместени во несоодветни услови, понижувани, терани да извршуваат физичка работа. Граѓанската иницијатива „5 до 12“ изнесува тешки обвинувања за негрижа и неажурност од страна на институциите кон децата без родители, а кои страдаат од телесни и ментални нарушувања. Велат на некои дечиња не им била доволна казна тоа што судбината ги оставила без родителска грижа, туку и нивниот единствен старател, државата, свесно или несвесно им ги зголемува маките.

Социјален работник кој е револтиран од она што го видел при проверката на мали групни домови и згружувачки семејства, одлучил да ја информира јавноста што навистина се случува. Истата снимка, како доказен материјал му е доставена и на народниот правобранител.

-Три од овие деца што се згрижени во семејства, никој не води сметка за нивниот раст и развој, дали тие вистински се згрижени или не се, бидејќи тие бајаги земаат пари за нив, не земаат малку. …Дали ги носат на лекар и дали ги тераат да работат, дали ги злоупотребуваат, зошто таму има и деца поголеми од 18 години. Едно дете, Павле, се сеќавам, говедарче го ставиле да работи. Го ангажирале. Зошто е тоа така? Зошто? Па тој не им е измеќар, а за него земаат и пари. Треба сите да се проверат. Направете проверка на децата… Таму во Манастирец ми се чини дека има многу деца. Секакви. Па и скопските деца, најмногу има Роми мислам. Од кај знаеш како се чувани? Мора контрола да им се направи, вели социјалниот работник

Од граѓанската иницијатива „Пет до 12“ не ги кријат својот гнев и разочараност. Велат дека ова сведочење е само капка во бунарот, дека некој се поигрува со најранливата категорија граѓани која има убедливо најголема потреба од помош, поддршка и разбирање. Категорично тврдат дека целосно е погрешен начинот на кој е извршен процесот на де-институционализација, односно на сместување на децата во мали групни домови и згрижувачки семејества, дека нема закон за уредување на условите за згрижување, нема селекција по квалитет на лицата кои треба да ги чуваат овие несреќни деца, дека никој не врши проверка во какви реални услови децата живеат и дека никој не ја проверува нивната психо-физичка состојба.

Велат дека барале објаснувања од Министерството за труд и социјална политика, поднесувале забелешки, нуделе решенија, но наишле само на молк и игнорирање. И Алфа писмено постави прашања во врска со овие обвинувања до Министерството, но до почетокот на овие вести не добивме одговор.

За овој случај Алфа побара став и од Министерството за труд и социјална политика. Оттаму велат дека немаат информации за злоупотреба на деца во мали групни домови и згрижувачки семејства.

„Секој кој што има сознанија и докази за злоупотреба го повикуваме да ги пријави писмено кај надлежните органи, во спротивно ќе се смета за соучесник во истите. Сместувањето на децата е под строг надзор на стручните лица во Центарот за социјални работи и од вработените во Малите групни домови. Исто така, надзор во Малите групни домови и кај згрижувачките семејства  врши Заводот за социјални дејности“ велат меѓу другото во одговорот од Министерството. Оттаму целосно ги негираат и наводите дека не постои соодветен систем за регрутирање и обука на соодветни згрижувачки семејства.

Невладината „Трисомија 21“ која исто така е дел од коалицијата „5 до 12“ се оградува од ставовите на здруженијата „Менуваме“ и „Енигма“.

-Здруженијата од иницијативата ,,5до12,, не беа навремено известени за активностите на здружението ,,Менуваме,, и ,,Енигма,, кои самоиницијативно и без согласност одржаа прес конференција на која обвинија за злоупотреба на децата без родители и родителска грижа. Во координација со здруженијата и родителите кои беа директни учесници во иницијативата  ,,5до12,, се оградуваме од изнесените информации и  наводни докази од причина што не сме запознаени со работата на овие две здружија во изминатиов период, велат тие во нивниот демант

Драган Милосављевиќ