Сериозни индиции или политичка манипулација? Власта и за пожарите со исти тези како за случувањата во Диво Насеље, „имале за цел да ги спречат митинзите на СДСМ“

Владеачката СДСМ со слични тези како и за случувањата во Диво Насеље пред четири години ги оцени пожарите кои деновиве се појавуваат низ Македонија.

Пред 4 години денешниот кандидат на СДСМ и ДУИ за претседател Стево Пендаровски тврдеше дека настаните во Диво Насеље во кои загинаа 8 македонски полицајци биле „исценирани од власта (во која беше и ДУИ) за да го спречат митингот на СДСМ на 17-ти мај“.

За познавачите на македонската политичка реалност, инцидентот во Куманово е фабрикуван од страна на власта, односно од македонската партија во владејачката коалиција на премиерот Никола Груевски, тврдеше тогаш Пендаровски.

„Најважното прашање е зошто се случува токму сега. Многу експерти и аналитичари се изненадени дека тоа се случува токму во овој момент. Ако го земеме на пример инцидентот во селото Гошинце од пред неколку недели, каде се зборуваше за упад на вооружена група и поставување на барања на Албанците. Треба да знаеме дека овие барања се задоволени одамна.“, рече тогаш Пендаровски во интервју за бугарски БГнес и додаде:

Целта е да се спречи одржувањето на големиот опозициски митинг, кој е планиран за 17-ти мај. Пред овој датум претстојат уште неколку прес-конференции на опозицијата, на кои ќе бидат објавени скандалозни афери во кои учествуваат властодршците. За жал, Македонија е далеку од завршувањето на кризата. Груевски во ниту една опција нема да поднесе оставка, бидејќи тој нема чувство за одговорност. Тоа им е јасно на речиси сите македонски граѓани“, тврдеше Стево Пендаровски

Денес слични тези има министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, околу пожарите кои се случуваат во земјата. Тој рече дека имал „сериозни индиции“ да потврди дека пожарите биле подметнувани и тоа од политички причини нагласувајќи дека доколку тоа е така „станува збор за сериозен тероризам што ѝ се прави на државата“. Повторно, како и пред 4 години за Пендаровски, и денес за СДСМ преку изјавата на Оливер Спасовски „постои сценарио“ кое има за цел да спречи некаков собир на СДСМ.

Токму Спасовски денеска алудирајќи на пожарот кој се појави на дива депонија во близина на СЦ „Борис Трајковски“ во очи конвенцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски изјави:

Она што се случи кај салата „Борис Трајковски“, тоа е подметнат пожар, сметајќи дека тука ќе се одржува конвенција на една од политичките партии. Сериозно работиме на детектирање. Сите информации кои ги добиваме, одат во тој правец дека е можно да има политичка вмешаност“.

Сериозни индиции или политичка манипулација?

Неодамна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го прозва премиерот Зоран Заев дека градел политичка кариера со злоупотреба на трагични случаи, како случаите со Мартин Нешковски, Никола Младенов, Смилковско езеро, Диво насеље и други.

Седеа во нивниот штаб онде на Бихаќка и ги пуштаа оние воајерски снимки. Злоупотребуваа човечки судбини. Се сеќавате на онаа за Никола Младенов, на трагично починатиот новинар Никола Младенов. Кога велеше Зоран Заев, злоупотребуваше дека не било сообраќајна несреќа туку дека некој за жал го утепал тој бард на македонското новинарско перо. За да години потоа сопругата на Никола Младенов јавно на телевизија каже која е вистинската причина за тој трагично предвреме завршен човечки живот. Тоа била брзината со која го управувал возилото. Односно тоа кое што беше тогаш дел од полициските извештаи. А нормално деспотот го нема нигде да излезе и да им се извини на граѓаните и на семејството на Никола Младенов затоа што ги злоупотребил. А зошто ги злоупотребил за пуста власт, ете тоа била причината. Се сеќавате и на оној трагично згаснат живот на Мартин Нешковски, премиер стана поради тој случај, а јас можам денеска да се кладам, да се обложам со вас дека ниту знае што прави семејството, ниту пак прашал како од први до први врват.“, рече Мицкоски.