Семејно – бизнис – политички врски? „Пуцко петрол“ го шири бизнисот среде најголема криза

Среде најголема криза „Пуцко петрол“ го шири бизнисот. Пред само еден месец компанијата со седиште во Пласница регистрирала подружница во Кисела Вода која треба да работи во форма на складиште на големо наменето за трговија со цврсти, течни и гасовити горива.

Дали компанијата се подготвува за уште поголеми зделки со државата во време кога е прогласена кризна енергетска состојба? Оттаму се уште нема одговор на прашањата што Алфа ги испрати уште вчера.

„Пуцко“ пред една година веќе еднаш ги зголеми капацитетите за што доби и потврда од Регулаторната комисија за енергетика.

  • „Измената на лиценцата се врши поради зголемување на капацитетите со кои се врши дејноста со три резервоари од по 100 кубни метри од кои еден ќе се користи за трговија со Екстра лесно и два ќе се користат за трговија со Еуродизел“ се наведува во лиценцата од РКЕ издадена на 29 декември 2021-та. Во неа стои и дека овие складишта се наоѓаат во месноста Ижиште во Македонски Брод.

Драстичното ширење на бизнисот на „Пуцко“ се поклопува со доаѓањето на СДСМ со ДУИ на власт. Оттогаш значително е зголемена нејзината соработка со државните институции и јавните претптијатија и компанијата станува главен добавувач на нафта. Само во последните три месеци компанијата добила државни тендери вредни над 7 милиони и 350 илјади евра, а од почетокот на годинава државата и платила над 800 фактури.

„Пуцко“ во 2021-та имала вкупни приходи од 48 милиони и 133 илјади евра што е за 40% повеќе во однос на 2020-тата година. Компанијата се наоѓа на 67 место меѓу 100-те најголеми во Македонија.

Со „Пуцко петрол“ раководи Асмир Јахоски. Татко му, Исмаил Јахоски, влезе во Собранието преку изборната листа на ДУИ откако претходно во пет мандати беше градоначланик на Пласница. Сега со Општината раководи неговиот брат, Алија Јахоски.

Антикорупциската комисија веќе ги испитува семејно – бизнис – политичките врски на „Пуцко петрол“.

Борис Грујоски

Advertisements

Поврзани вести