Селфи Заев – Силберстејн – премиерот призна го познавал, но не му бил соработник

Оваа селфи фотографија од премиерот Зоран Заев минатиот месец стигнала на бројот на руските комичари. На неа Заев е во друштво на познат политички советник од Израел, Тал Силберстеин, кого Тел Авив пред две години го апсеше за перење пари и поткуп. Фотографијата во нашата редакција ја испрати еден од двајцата пранкери кои го „насамарија“ Заев. Кузњецов за Алфа тврди дека македонскиот шеф на Владата, селфито му го испратил на 4-ти јуни, ноќта кога последен пат ѕвонел на украинскиот број на комичарите мислејќи дека го бара поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко. Сакал да се пофали за познанството со Силберстеин и пишал дека Тал е добар човек. Денес Заев призна – се запознал со Силберстеин, но вели дека не ги користел неговите консултантски услуги.

„Го запознав пред неколку месеци. Беше во регионов, се видовме тука во Скопје. Никогаш не сме соработуване, не сум ги користел неговите услуги“, рече Заев.

Израелецот Тал Силберстеин ги полнеше насловните страници на австриските весници пред две години, кога беше советник на австриската Социјалдемократска партија. Тој преку социјалните мрежи ја водел изборната кампања на социјалдемократите, но јавноста во Австрија се бунела на неговите објави, по што беше обвинет за кршење на анти-нацистичките закони и ширење на антисемитизам. Останатите партии од изборната трка во 2017тата бараа од надлежните да спроведат истрага, а Социјалдемократите беа под силен притисок поради изборот на Силберстеин за консултант. Силберстеин призна дека стои зад платформите на Фејбук и доби отказ од функцијата советник.

Инаку, на 14 август истата година, Тал Силберстеин беше уапсен од страна на израелските власти под сомнение за перење на пари, опструкција на правда, поткуп и слични криминали.

Биљана Божиновска