Селмани: Политичарите да сфатат дека медиумите не се пропагандна машинерија

Медиумите не се слободни, а перцепцијата дека работите се променети не соодвествува со реалноста, вели претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани. Според него, актуелната власт не покажува сериозни намери да направи реформи во медиумите.

– Постои перцепција дека новинарите се сега послободни, но доколку ги анализираме состојбите во медиумите, сфаќате дека малку нешто е променето, или воопшто ништо не е променето. Новата влада не направи суштински реформи, но најпрво кај нив треба да се промени свеста, вели Селмани.

Тој додава „Владата и политичарите треба конечно да сфатат дека медиумите не се пропагандна машинерија“.

-Ако сопствениците на медиумите се во клиенталистички односи со политичарите, партиите или Владата се продуцираат нездрави односи во медиумите. Кога медиумот ќе опстојува од рекламата, од квалитетот, она што го произведува кај граѓаните, нема да има потреба да ги уценува сопствените вработени кои се највредното нешто што го имаат медиумите. Ако Вие немате професионални и слободни новинари, тогаш, немате ништо. Професионалците се под притисок, или се маргинализираат, или пак, се бркаат од работа. Тоа не е нормално,

Неосновано намалување на плати, бланко откази, закани, напади. Ова се само дел од притисоците со кои секојдневно се соочуваат новинарите и медиумските работници во Македонија. Меѓународните извештаи во однос на медиумската слобода покажуваат дека Македонија е најлошо рангирана во однос на земјите од регионот.

Сања Трајковска Ставров