Села ја откажа средбата со Заев- лут му е поради Таравари

Дали албанскиот политички блок го уценува СДСМ и премиерот на Македонија? Дали Зоран Заев ќе мора да ја поништи одлуката на Министерството за образование и наука во замена за поддршката од Алијанса на Албанците за претседателските избори? Овие прашања се поставуваат откако денеска претседателот на оваа партија, Зијадин Села ја откажа средбата со првиот човек на македонската Влада, каде требаше да се разговара за консензуален претседателски кандидат. А како причина се наведува револтот на Села, откако МОН ги одзема ингеренциите на Општина Гостивар, што практично значи дека градските власти во наредниот период нема да имаат право да отпуштаат и именуваат директори на основните и средните училишта.

-Се слушнав со господинот Зијадин Села. Во знак на револт поради одземани надлежности во образованието на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари од страна на Министерството за образование тој ја откажа средбата. Се надевам, оставивме простор за комункација заради тоа што тоа е вредно. Јас работам и со самото Министерство, законите мора да се спроведат секако, да ги гледаме позитивните основи на самите закони, изјави премиерот Зоран Заев.

За овие случувања, првиот човек на Гостивар, Арбен Таравари најави дека ќе ги извести сите амбасадори, кои постојано комуницираат со него поради трагедијата која се случи кај Ласкарци, нарекувајќи ја оваа одлука на МОН аматерска, смешна, неморална, непријателска и дискриминаторска.

-Морам да истакнам дека од страна на нашата општина, и покрај лошите услови нема никаква повреда која води кон ваква флагрантна одлука! По погребните обреди, едвај неколку дена по смртта на 15 лица како последица на сообраќајна несреќа, владата не се занимава со итна истрага на случајот, туку му задава уште еден удар на Гостивар! Ако целта на оваа влада е да го уништи Гостивар од листата, со разотидување на нејзини луѓе низ светот или толку близу за да им се случуваат несреќи по патот и да не се вратат дома живи, тогаш оваа одлука без преседан, ја има својата смисла!, напиша Таравари на Фејсбук.

Премиерот Заев минатите два дена оствари средби со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на новоформираниот политички блок „Алтернатива“, Африм Гаши и со првиот човек на ДПА, Мендух Тачи.

Сите тие беа согласни да се продолжи процесот за изнаоѓање на заеднички кандидат за претседател на државата, но проблем за лидерот на СДСМ може да претставува тоа што сега во прашање е доведена соработката со Алијансата на Албанците, која според последните анкети е втора политичка сила кај албанскиот блок и единствена со видлив раст на рејтингот.