Секој ден е скапоцен, а за болните од канцер нема терапија

Пациентите кои со години се борат со канцер повторно се жалат дека државата ги остави на цедило, без соодветна терапија. Сликата пред клиниката за онкологија и радиологија секојдневно е хаотична. Редици пациенти се борат да стигнат до хемотерапија која за нив значи живот. Еден од нив е Зоран Ристовски од Скопје кој боледува од леукемија. Со болеста се бори од 1994 година, за сега, да моли за терапија која на клиниката ја нема повеќе од месец и половина.

И пред тоа имаше некои испади малце така ама се извлекоа со лековите како идеа лековите напред се подобри и подобри и поквалитетни и се добро беше ок. И сега моментално околу месец и половина немам лекови никакви не пијам. Па во тек е викаат, имаше тендер распишано преку клиника, рекоа дека е пуштен и со министерот за здравство бевме во контакт и ни рекоа дека за две, три недели ќе ги набават лековите и дека ќе биде се ок па сега ќе видиме, изјави пациентот Зоран Ристовски

Министерот за здравство признава дека проблем со недостаток на терапија има ама вината не ја гледа во себе , туку во високата цена на лековите што предвидениот буџет за нив, не може да ја покрие. Очигледно не се набавува потребаната доза, бидејќи според Сали лековите се трошеле пред време.

Поради тоа што се работи за скапи лекови, буџет и количина се планираат годишно, на годишно ниво базирајки се на претходните две или три години. Имаме период кога се јавуваат нови пациенти, ги внесуваме во третманот, меѓутоа количините се трошат предвремено, изјави министерот за здравство – Беким Сали

Директорката на клиниката за хематологија тврди дека за лекот кој му е потребен на Ристовски има посебен буџет со обезбедена терапија од 2018, но компанијата Novartis(Новартис) што го произведува тој лек не може да испорача доволни количини за Македонија. Причината сепак не ја откри.

Иако е тендерот завршен, компанијата Новартис која што го произведува лекот не може да обезбеди количина на лек за нашата земја до крајот на октомври. И заради тоа е застојот, значи застојот не е ниту во јавната набавка, ниту во здравствените власти, изјави директорката на Хематологија – Ирина Пановска Ставридис

Дека проблем со недостаток на хемотерапија има речиси на сите клиники сведочат и пациенти за Алфа. Во страв дека нема да ја добијаат терапијата пред камера не сакат да зборуваат, но тврдат дека на клиниката за онкологија терапија нема.

Се работи за живот, зависам од потпис односно тендер кој се уште не е распишан. Секој втор месец нема терапија, а кај нас нема ни каде на приватно да се купи. Пред месец ипол ми ја одложија терапијата за една недела, секоја втора терапија нема Херцептин . Од јуни наваму се повторува цело време истата ситуација, изјави пациент

Од клиниката за онкологија за алфа велат дека до 20 октомври терапијата треба да стигне. Тврдат дека проблемот не бил тендерот туку транспортот. Камион полн со терапија загалавил во Литванија па затоа доцнела доставата. Од Здравство  тврдат дека се прават сите напори за обезбедување на неопходната терапија.

Бојана Златкова