Секоја трета жена во Македонија не може да си ги дозволи основните производи за месечниот циклус

Секоја трета жена во Македонија не може да си дозволи да ги купи потребните менструални производи. Дури 15% при месечниот циклус користат текстил, хартија или весници наместо влошки. „Менструалната сиромаштија“ во Македонија е загрижувачка, предупредуваат невладините кои бараат намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5%.

77% од анкетираните жени и девојки трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена. Секоја трета испитаничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, весници, тоалетна хартија и слично, изјави активистката Љупка Трајановска.

Истражувањето покажува дека три четвртини од жените се жалат на превисоките цени на менструалните производи. Семејствата што се со 3 или 4 жени трошат и до 30% од семејниот буџет за производи за менструална хигиена, лекови против болка и слично.

Бараме државата која се декларира како земја, кандидат за членство во Европската Унија, да ја преземе својата обврска и да го олесни оддржувањето на менструалната хигиена за 50% од населението. Националниот буџет мора да биде родово одговорен и распореден да ги задоволува подеднакво потребите на жените и девојчињата, како и на мажите и момчињата, изјави активистката Љупка Трајановска.

Дополнително, несоодветните услови за управување со менструалната хигиена во училиште и на работните места, односно нечисти тоалети, недоволно хартија во тоалетите, сапун и слично, предизвикува жените кога се во циклус да избегнуваат да одат на работа и  учениците на училиште или доколку се таму, не пијат вода за да не треба да одат во тоалет бидејќи нема услови. Невладините апелираат да се обезбедат подостоинствени тоалети за ученичките.

Бојана Златкова

Advertisements