Секое чудо за три дена – економистите сметаат дека мерките за несериозни и нема да дадат резултати

Краткорочно мерки кои нема да дадат резултати – вака економистите ги оценија новите антикризни мерки за ограничување на маржите и оперативните трошоци во трговијата. Велат дека инфлацијата нема да се стабилизира повторно со исти мерки кои и првиот пат не го зауздаа порастот на цените. Според економистот Абил Бауш ваквите потези се несериозни и избрзани.

„Кој може да ми каже дека пак нема да имаме ситуација на шпекулативни цени? Памтиме како беше. Од еден производ кој беше поевтин на пазарот, ние го купуваме многу поскапо во овие моменти“ – вели економистот Абил Бауш.

Бизнисмените велат дека е несериозно да се очекува намалување на цените на основните производи во услови кога е се поскапено, а компаниите се пред затворање. Сметаат дека Владата треба и тоа како да ја загрижат фрапантните податоци за 4 илјади затворени фирми на стартот на годинава и 90 илјади луѓе кои не примиле плата минатиот месец, но за жал, велат посуштинска помош нема.

„Фирмите веќе немаат профит. Тие се на банкарски кредити, се задолжуваат кадешто ќе стигнат. Тоа снаоѓање од нивна страна преоѓа во пропаѓање“ – вели Горан Георгиевски од Агробизнис комората при ССК.

Бауш смета дека мерките треба да бидат насочени не само кон помош на најранливите категории, туку да им овозможат на граѓаните поевтин јавен превоз, поевтино образование, како и пониски трошоци на фирмите, земјоделците, самостојните производители за да можат да ја преживеат кризата.

„Не да им дадете готови пари, туку да им овозможите да го живеат животот барем достоинствено. Ако сме некоја социјална држава, сите сериозни држави ова го прават“ – вели економистот Абил Бауш.

Од Агробизнис комората бараат итно активирање на стоковите резерви за да му се помогне на бизнисот, да се стават во фуинкција сите електрани за производство на струја, а помалите фирми да се префрлат на регулиран пазар за да имаат пониски трошоци за струја.

„На пример, во Србија за цело време на ковид кризата и сега, во оваа енергетска криза и кризата со војната, цената на струјата е гарантирана за сите приватни фирми. Тоа е 75 евра за мегаватчас. Исто така основните суровини, брашно, зејтин, шеќер се со цени гарантирани од страна на државата “ – вели Георгиевски.

Инфлацијата минатиот мецес достигна речиси 12% во услови кога сè утре беа на сила антикризните мерки. За јуни експертите очекуваат таа да се продлабочи на околу 15%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста