Сезоната на летни попусти во полн ек – колку се реални?

Излозите на бутиците излепени со бројни реклами за попусти, примамливи понуди и намалувања дури до 70%. Но дали намалувањето е само на излог, или овие цени се навистина реални. Дали е ова едно олеснување за оние кои регуларната цена на облеката не можат да си ја дозволат или е само измама за да ги навлечат потрошувачите. Пред моловите е раздвижено, но не се чувствува некоја голема еуфорија, луѓето разгледуваат по излози, пресметуваат дали се исплаќа да купат парчиња облека по новите цени или се се сведува на промоција.

Постојат строги правила како треба да се означуваат и промовираат попустите кои се утврдени со Законот за заштита на потрошувачите кој го спроведува Државниот пазарен инспекторат. Доколку некој се соменва дека е манипулиран може да пријави таму.

Постојат повеќе начини со кои трговците манипулираат со купувачите во сезоните на попусти.

Најзастапена малверзација е кога на излогот се најавува попуст и до 70% а во продавницата само еден или два производи се со вакво намалување.

Друг пример е кога на попуст е само мала количина од робата, а кога станува збор за гардероба тоа се често само едно до две бројчиња кои и најмалку се трошат.

Трет начин на кој трговците ги залажуваат купувачите се т.н. постојани акции. Тоа се ситуации кога на излозите на продавниците во текот на целата година стои натписот „постојано намалување од 50 проценти“. Тука е во прашање очигледна измама. Во овој случај не може да се постави прашањето од која цена се намалува 50 проценти ако намалувањето е постојано.

И една од најзастапените измами е таа со зголемувањето на цената непосредно пред нејзиното намалување.

Бојана Златкова