Седум загинати во невремето во Грција, нема повредени македонски туристи

Паднати дрвја, разурнати таверни, превртени автомобили,уништени плажи ваква е сликата денеска на грчкиот полуостров Халкидики, каде вчера во страшното невреме животот го загубија 7 лица од кои две деца, а над стотина се повредени и префрлени во локалните болници.

Силниот ветер кој носел речиси се пред себе и обилниот дожд ги преплашија туристите , очевидци велат дека врискање и плач се слушал насекаде, мајки со децата во прегратки трчале низ бурата барајќи безбедно место.

Меѓу загинатите се Романка и нејзиниот осумгодишен син врз кои се урнал покрив во таверна во местото Неа Плагија, двајца чешки туристи во Созополи, како и Русин и неговиот двегодишен син врз кои паднало дрво пред хотел во Неа Потидеа.

„За првпат во мојата 25-годишна кариера гледам вакво нешто. Беше толку нагло, толку ненадејно. Пацииентите што ги примивме се на возраст од 8 месеци до над 70 години, повеќето се во повреди на главата и сршеници”

Надлежните служби добиле околу 600 повици за помош, а спасувачки операции имале на 235 места. Цела држава е мобилизирана за денешниот ден.

“Ќе работиме во следните часови и денови да се врати во нормала животот во регионот. Ова е наша должност, а во продолжение ќе дознаете и за санирање на штетите и сѐ друго што е предвидено со законите. Тука сме сите заедно да го поддржиме Халкидики, да изразиме жалење за невините жртви и во исто време брзо да ги затвориме раните “ – рече Хрисохоидис.

Од македонското МНР информираат дека меѓу загинатите нема македонци. Нема информации ниту пак за повредени.

„Македонските граѓани кои евентуално се повредени во невремето во Грција можат да го контактираат Генералниот конзулат во Солун на следниве телефони
00 30 23 102 77 347
00 30 23 102 77 348

Властите во Атина ја опишуваат бурата како непредвилив феномен, пренесе BBC. На невремето му претходеа многу високи температури кои се искачуваа до 37 степени. Туристи раскажуваат дека биле на плажа кога ги затекнала бурата.

„Буквално дојде од никаде. Снема струја, беше хаос, луѓе почнаа да трчаат и да врискаат обидувајќи се да тргнат од плажата – вели британски турист.

Снабдувањето со електрична енергија во најпогодените места е прекинато, а во дел од ресортите нема ниту вода.

Очевидци велат дека бурата траела само дваесетина минути, но дека била разорна.
Од македонските туристички агенции велат дека немаат откажувања на аранжамните, но биле подготвени да испратиме вонреден транспорт на туристите доколку тоа биде потребно. Дел од туристите кои се во сопствен аранжман решиле да го прекинат престојот и да се вратат дома.

Meри Ѓорѓиевска