Седум години по Смилковскиот масакр – родителите се уште ги чекаат доказите на Заев

И по седум години од кобното велигденско попладне кога згаснаа животите на Ќире, Филип, Цветанчо, Александар и рибарот Борче, раните се свежи а без детали за вистината болката е уште поголема. Седум години трае агонијата на петте скопски семејства кои ги загубија своите најмили во Смилковскиот масакр, што се случи на денешен ден, 2012 година на велики четврток.

Шестмина беа осудени на доживотен затвор, ама на барање на Вишото обвинителство пред две години беше укината, а осудените за грозоморното убиство пуштени да се браната на слобода. Од лани обвинението го застапува специјалното јавно обвинителство. Тогаш Јанева тврдеше дека нема ново обвинение – „ се останува исто“, рече.

СЈО ги поседува таканаречените бомби за овој случај, што пред три години сегашниот премиер Заев како тогашен лидер на опозицијата рече дека ги поседува, а кои ќе значат и расветлување на целиот случај. Лани пак Заев зборуваше друго – немал конкретни докази. Но со години, ниту јавноста, ниту семејствата на убиените, не дознаа какви се тие докази и што всушност се случило на Смиљковското Езееро, ноќта на 12 април.

Денеска на овој болен ден не успеавме да стапиме во контакт со родителите, но пред две години во октомври со Алфа ексклузивно ја објави СМС комуникација со која ни ги открија ветувањата кои им ги давал актуелниот премиер Зоран Заев пред да дојде на власт. Се сомневаат дека нивната животна трагедија била искористена за политички поени. Велат – Господинот Заев пет месеци се рекламираше со нашиот случај, ни пушти порака дека ќе ни ги даде тие пет разговори, државна тајна, тој прво викаше шест, ама ништо од тоа до сега. И покрај неколкугодишните превирања со целиот случај, семејствата се уверени дека обвинетите се вистинските убијци на нивните чеда.

Обвинетите го негираа обвинението за петкратното убиство, а за адвокатите на одбраната не постојат докази дека обвинетите го сториле делото. Рочиштата се одложуваат, а вистината станува се подалечна. За петкратното убиство остануваат обвинети Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се уште се во бегство. Во масакрот кај Смилковското Езеро беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и 45 годишниот рибар Борче Стефковски.

Ивана Соколовиќ Најдова