Седница за францускиот предлог во четврток- пратениците ќе одлучуваат без увид во протоколот

Собранискиот спикер Талат Џафери и официјално ја закажа седницата за францускиот предлог во четврток во 13 часот. Пратениците веќе добиле пораки со известување откако владата ги испрати сите  документи од француското претседателство до Собранието. Сепак очигледно дека францускиот предлог во парламентот ќе помине без билатералниот протокол да биде јавно објавен и достапен за пратениците и граѓаните, бидејќи тој не е дел од дополнително испратените материјали. Од кабинетот на Џафери потврдија дека е стигнато дополнување на документите.

-Владата денеска , според барањата од вчерашната координација во Собранието, достави дополнување на Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ…, стои во соопштението од Собрание.

Собраниски извори веќе брифираат дека мнозинството ги има изготвено заклучоците кои најверојатно глатко ќе си поминат на седницата, со оглед на тоа што сите албански партии и СДСМ даваат поддршка за ваквиот, како што сега го нарекува власта, европски предлог. Неизвесно е дали помалите коалициони партии на власта ЛДП, ДОМ и Демократски Сојуз ќе дадат поддршка со оглед на нивнте забелешки во однос на целата преговарачка рамка.

Од Демократски Сојуз веќе испорача предлог заклучоци до Џафери. Павле Трајанов бара доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара. Наместо унилатералните изјави за македонскиот јазик, да се додаде нов став – По приемот на Македонија во ЕУ, македонскиот јазик да стане службен јазик, без какви било можности за негово оспорување од страна на ЕУ или нејзина членка. Од преговарачката рамка, да се изостават и билатерални прашања наметнати од Бугарија.

Собранието не открива детали како ќе заврши постапката за носење заклучоци без клучниот документ во кој се содржани сите македонски отстапки по втората заедничка седница на Македонија и Бугарија, ама и согласноста за ревидирањето на македонската историја. Прво ветуваа дека сите документи, заедно со преговарачката рамка и протоколот кој бил усогласен меѓу Скопје и Софија ќе бидат објавени и испратени до собранието. Брзо потоа се тактизираше со денот на објавувањето на протоколот, за сега владината тројка Ковачевски, Маричиќ и Османи да ја смени тезата па сега велат дека протоколот не бил финализиран.

Но и дали власта брза да ја заврши работата до 22 јули од кога започнува и годишниот одмор на Европската Комисија.

 Ивана Соколовиќ Најдова

Поврзани вести