Седницата на Економско – социјалниот совет заврши без договор

Синдикатите и Владата се уште далеку од договор за платите во јавниот сектор. На денешниот состанок кој се одржа зад затворени врати, спротивно од најавите на вицепремиерот Фатмир Битиќи, имало мало поместување на ставовите, но конечен епилог нема .
Владата нуди нивната методологија – минималец по коефициент, да се применува од 2025, а не како што нудеа до сега од 2028 , а зголемување на платите од 5 отсто да има веднаш и 5 отсто од 2024 година односно, и позиционирање на висината на коефициентот на 3,3 отсто. – Ова е разочарувачки предлог за синдикатите. Тие бараат покачување од најмалку 12 отсто веднаш, за колку што се качи минималецот, или на ниво на инфлацијата а , усогласувањето мора да биде со коефициент на сложеност по просечна плата, а не по минимална. Новите пресметки на Владата и синдикатите ќе се стават на маса веќе во понеделник за кога е закажана нова седница на ЕСС.
Направивме поместување од „мртва точка“. За понеделник договоривме нов состанок, во 10 часот. Дотогаш се договоривме пресметките што ги направија синдикатите во однос на предлогот на Владата да ги доставиме до нив. Тие во понеделник да достават уште еден предлог, симулација нова, за да видиме дали ќе можеме да ги доближиме ставовите. Она што беше понудено, за нас не беше прифатливо. Ќе видиме во понеделник дали ќе има понова математика од страна на Владата по она што го зборевме денеска внатре, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски по седницата на ЕСС.
Инаку, дијалогот се случува во момент кога УЈП и Царина се подготвуваат да стапат во генерален штрајк . Се уште трае секојдневниот предупредувачки протест на Управата за јавни приходи во траење од 2 часа, додека синдикатот на УЈП чека да биде повикан од помирувачот Професор Илија Манасков, кој ќе се обиде да ги приближи ставовите помеѓу двете спротивставени страни.
Од Владата очекуваат дека нема да дојде до генерален штрајк и ќе се најде решение , односно доколку падне договор на следниот Економско социјален совет, тоа ќе е пакет решение за целиот јавен сектор.
Кристина Алексиеска