„Северномакедонска нација“ стана секојдневие, последиците од Преспанскиот договор веќе се чувствуваат

Не секој европски или светски бирократ е запознаен со деталите од Преспанскиот договор, поради што, грешките зачестуваат, па и покрај уверувањата на власта дека придавката македонски е зачувана, за странците се почесто македонскиот народ и нација „стануваат северномакедонци“, кои говорат „северномакедонски“ јазик.

Токму тоа е опасноста за која предупредуваа експертите при самото потпишување на договорот, а тоа е дека полека, полека ќе станеме северно-македонци за светот.

Вториот проблем е што договорот од Преспа е билатерален, поради што, придавките не се обврзувачки за остатокот од светот, туку само за потписниците, вели Поранешниот амбасадор и аналитичар, Ристо Никовски. Според него, кога Македонија би била поделена земја, на Јужна и Северна, по примерот на Кореја или Ирска, тогаш можевме да претендираме дека ќе има Македонци, а бидејќи јужна Македонија официјално не постои, не може да се залажуваме дека ќе постојат Македонци, туку само „Северно-македонци“.

– „После договорот од Нивици, Македонски народ нема. Ако ние се залажуваме и се уште се чуствуваме како Македонци, тоа е наш проблем. За светот ние се повеќе и повеќе ќе бидеме „северномакедонци“, ќе биде јазикот „северномакедонски“, што де-факто ќе значи реализација на договорот од Нивици, од наша страна, а и од целиот свет, кои ние го потпишавмре на крајно предавнички начин.“ – Изјави Никовски

Никовски исто така смета дека деловите од договорот каде е задржана кратеницата МКД, е само привремено решение, затоа што не одговора на името на државата и ако некогаш започнеме преговори со Европската Унија, разни држави ќе ни ја заменат кратенката, а не само Бугарија или Грција.

Ваквата реакција доаѓа откако вчера, среде Скопје, австриски новинар во прашање на пресконференција на министерот Бујар Османи не нарече северномакедонска нација. Османи побрза да го корегира, правдајќи се дека станува збор за грешка во преводот.

Новинар: Никола Цветкоски