Северна Митровица осамна покриена со српски знамиња

Северниот дел на поделениот косовски град Митровица, населен со мнозинско српско население, утрово осамна покриен со српски знамиња, во пресрет на денешното гласање во косовскиот Парламент за формирање војска на Косово, јави приштинската агенција КосоваПрес.

Според агенцијата, како што јави дописникот на МИА од Приштина, „илјадници знамиња се внесени синоќа од Србија на косовска територија и се истакнати низ институциите и на бандерите по улиците на север, а поделени им се и на српските граѓани од тој дел на Косово и по нивните куќи“.

– Припадници на криминални групи цела ноќ делеа српски знамиња. Нив ги предводеше Ѓорѓе Касаловиќ, познат по прекарот Ѓоле, кој подели знамиња речиси за секоја српска куќа, вклучително и оние во населбите со етнички мешано население. На сопствениците на куќите и на локалите им е наредено денеска да ги истакнат српските знамиња, со закани дека ќе сносат последици ако не го сторат тоа, вели извор на КосоваПрес.

За денеска во 10 часот во Собранието на Косово е закажана седница на која ќе се гласа за трансформација на сегашните безбедносни сили (ФСК) во војска на Косово. ФСК и други институции веќе имаат организирано церемонии за прослава на овој чин, на кој остро се спротивставуваат политичките претставници на косовските Срби, како и официјален Белград.