„Северна Македонија“ во грчките учебници – ревизија на историјата во нашите

Шефот на грчкиот дел од експертската комисија Маркос Боларис потврди дека новото име на нашата земја од следната учебна година ќе стане дел од наставната програма во Грција, а во согласност со Договорот од Преспа. Истовремено портпаролот на македонската влада Миле Бошњаковски, потврди дека и во нашите учебници од септември може да биде внесено новото уставно име, но како што рече само доколку се усогласат ставовите на паритетна основа и доколку роковите го овозможуваат тоа.

– Комисиите работат со забрзано темпо, работат врз основа на паритет, го следат духот на Преспанскиот договор. Не постои притисок, но доколку нешто се усогласи и се усвои на паритетна основа и доколку роковите за новата учебна година и за наставните програми го дозволуваат тоа, таа можност останува отворена – рече Бошњаковски на прес-конференција во Владата.

Боларис претходно изјави дека е оптимист во врска со промените во македонските учебници по историја и географија односно дека веќе од следната година тие немало да содржат иредентизам и ревизионизам. Истовремено порача дека во Македонија постојат луѓе кои треба да се надминат себеси, бидејќи во изминатите години кај нас имало „анти-научна, анти-академска, анти-историска пропаганда, за да се создаде идеологија”.

Шефот на македонскиот тим експерти, амбасадорот Виктор Габер освен што потврди дека на состанокот се приближиле ставовите во однос на концептите на двете страни и биле разгледани учебниците за основно образование, најави дека на наредните средби ќе стане збор за конкретните измени и адаптација на истите согласно Договорот од Нивици.

Како што Алфа веќе објави ревизија ќе претрпи не само античкиот период туку и протерувањето на Егејците, грчката граѓанска и Балканските војни. Ќе се избришат картите на етничка Македонија, како и текстовите во кои се говори за поделбата на три дела пред стотина години.

Драган Милосављевиќ