СДСМ vs ДУИ – предизборен театар или реални несогласувања?

Предизборен театар или реален проблем во власта? Што е позадината на последната кавга меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ, што официјално почна по неуспешниот завршеток на седницата на која требаше да му биде одземен имунитетот на екс собранискиот претседател Вељаноски. Заев призна дека постои проблем, ама вели ќе се решел.

Можеби дел од објаснувањето лежи во последната изјава на пратеникот на СДСМ Зеќири, синоќа во една од телевизиите на албански јазик, каде порача оти Владата може без ДУИ, односно дека на СДСМ не му требала ДУИ за да биде на власт.

Извори во власта брифираат дека коренот на проблемот е во нискиот рејтинг на ДУИ, што не му оди во прилог на СДСМ пред претседателските, која пак важи за прва партија меѓу албанскиот електорат. Од друга страна пак, СДСМ е далеку зад опозициската ВМРО ДПМНЕ, според општите анкети. Дали од ова може да се заклучи дека Заев се обидува да најде начин за да се испазари со албанската опозиција, со Касами и Села – чиј рејтинг е повисок  од на Ахмети – на сметка на елиминација на ДУИ ?

Од Алијанса за Албанците за Алфа велат дека се отворени за разговори со било какви понуди само за да се елиминира ДУИ од власта. Велат оти „вреди да се разговара и договара со СДСМ, за ДУИ да се тргне“. Затоа и тие и Беса калкулираат со објавување на нивниот кандидат за претседател, оти тој не би бил пуштен во игра, ако СДСМ побара поддршка од нив. Сепак, велат од Алијанса, чекаат понуда од Заев, и ако таа значи збогување со ДУИ од власта, подготвени се да станат партнер во Владата и заеднички да трчаат за претседател на државата.

Во меѓувреме и СДСМ калкулира со соопштувањето на кандидатот зад кој тие ќе застанат. Од вечерва ќе одлучуваат. Како што Алфа веќе објави минатата недела, на „Бихаќка“ не се сложиле со кандидатите за претседател што на маса ги предложиле ДУИ:  Теута Арифи и Абдулменаф Беџети. По неколку дена се случи седницата во Собрание за имунитетот на Вељаноски, која Џафери револтирано ја прекина и мисијата не беше исполнета.   

Искра Коровешовска