СДСМ пред одлука за најавената чистка – ќе замете ли метлата само во партиските дворови?

Ќе расчистат ли социјалдемократите вистински со своите кадри во администрацијата на утрешниот состанок на највисоките партиски органи…или метлата ќе остане да чисти само во партиските дворови. Премиерот се пофали дека почнал процесот за носење одговорност, ама стартот не е како што очекуваше јавноста а и како што тој сам повеќепати најавуваше.

Во очи на ЦО на СДСМ и поранешните соработници на Заев реагираат по неговите одлуки за метлата. Екс пратеничката Софија Куновска со статуси на социјалните мрежи „распали“ по премиерот – лошите политики прават да не и се верува на оваа власт.

– Отсуството на правна држава, корупцијата, непотизмот, пазарењата, непочитувањето на законите, претоварената администрација, лошите кадровски политики, криминалот, немањето реформски капацитет, нерасчистувањето со Скопје 2014, загадениот воздух, неефикасноста на јавните сервиси, лошото образование, бројчаникот, отсуството на културни политики, несправувањето со криминалот од минатото и истите практики како претходната власт, се причините заради кои не и се верува на оваа власт, пишува Куноска.

Коалиционите партнери пак ДУИ според изјавите кои ги даваат ги држат конците во свои раце- тие ќе ја носат конечната одлука за било кое разрешување.
Но критиките за неспособноста на администрацијата стигнуваат и од самиот премиерски кабинет. Наместо „шминка„ пред народот, вистински да се спроведе чистката во државната управа бара и министерката Шеќеринска. Му порача на Заев дека разрешувањето на општинските одбори нема никаква цел, туку треба целосно да се раздрма државната управа.

Од Бихаќка се обидуваат да ја смират топката, по лавината реакции по најавената метла во предизборието, па велат лошиот резултат е доволна порака од народот. Иако на половина од мандатот незадоволството од граѓаните е се поизразено, актуелната власт се правда дека допрва ќе креираат мерки и политики во интерес на државата.

Ивана Соколовиќ Најдова