СДСМ: нема двојни избори, ВМРО-ДПМНЕ: бегате од народот

СДСМ избегна двојни избори. Партиските органи доцна синоќа донесоа одлука да не ја прифатат фрлената ракавица од опозицијата и заедно со претседателските избори да се одржат и предвремени парламентарни. објаснуваат дека тоа било во интерес на државата, но и интегративните процеси.

Опозицискиот лидер Христијан Мицковски по одлуката на Бихаќка, му испрати порака на Заев –сега избега од избори, ама од волјата на народот нема. Според Мицкоски нови парламентарни избори се единствениот механизам за исправање на неправдата која ја направи власта на сметка на нацијата.

-Зоран Заев и СДСМ избегаа од избори, ама од волјата на народот нема! СДСМ е во страв и хаос. Многу брзо ќе се соочат со вистината на сопствениот неуспех. Колку и да бегаш Заев ќе те победам на парламентарни избори, затоа што народот ќе ве порази, ќе ја вратиме честитоста на нашата земја, Македонија ќе победи!, напиша Мицковски на социјалните мрежи.

Освен одлуката за двојно соочување на избори, социјалдемократите ги судриле ставовите и за можно име со кое ќе ја трчаат претседателската трка. Иако Изминатиов период двоецот Заев-Ахмети отворено влезе во вербална војна и спротивставени изјави за претстојните избори, сепак СДСМ одлучиле да направат напори за да ја одржат жива идејата за консензуален претседател.

По ова и ДУИ ја спушти топката, иако пред една недела лидерот на партијата Али Ахмети рече дека цитирам… на туѓа свадба не одам… сега неговата десна рака Артан Груби вели дека се отворени за заедничко решение во коалицијата.

Официјално на адреса на Бихаќка засега има поднесено само една кандидатура а конечната одлука ќе носи на 3-ти март. ВМРО-ДПМНЕ пак на Конвенција во Струга викендов ќе одлучува кој од деветмината кандидати ќе биде нивно решение за шеф на државата.

Ивана Соколовиќ Најдова