СДСМ: На престојните претседателски избори граѓаните ќе изберат претседател кој обединува

Нашата земја го доби своето заслужено место, седна на масата во НАТО алијансата. Со Романија и Литванија, веќе вкупно 8 земји членки на НАТО го ратификуваа протоколот за полноправно членство, соопштува СДСМ во писмено обраќање до јавноста.

Од Бихаќка велат дека после деценија уназадување, Република Македонија тргнала напред.

„Влезот во НАТО не значи само безбедност и стабилност, нешто што е исклучително важно за нас, туку значи напредок, силна економија, подобар живот за сите и отворени перспективи за младите.“

Од владеачката партија се фалат и со рекордни инвестиции.

„Рекордниот раст на инвестициите од над 624 милиони евра е индикатор дека безбедноста, стабилноста и интеграциите ја зголемуваат доверба кај компаниите. Инвестициите носат повеќе пари, нови и подобро платени работни места, подобар животен стандард. Како напредуваме во интеграциите, во членството во НАТО и ЕУ, така се повеќе бенифиции ќе добиваат граѓаните, државата.“

„Не смееме да застанеме“, велат од СДСМ. „Република Македонија мора да продолжи напред, силна и обединета околу вистинскиот пат, патот на интеграциите. Граѓаните добро знаат што значи уназадување, изолација и враќање назад, го чувствуваа тоа 10 години под режимот на ВМРО-ДПМНЕ.“

На престојните претседателски избори граѓаните ќе изберат претседател кој обединува, кој ќе води напред кон ЕУ и НАТО, ќе го изберат Стево Пендаровски, вистински претседател за сите граѓани.