СДСМ и ДУИ без договор- дали Заев е се подалеку од премиерската функција?!

Дали Заев е се подалеку од премиерското столче? Каде запнаа преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за формирање на парламентарно мнозинство? Доколку се види реториката на Заев и Ахмети, јасно е дека во моментов тие се далеку од договор за составување Влада. Како што кажаа и двајцата напредок бил постигнат околу програмите на партиите, кои во најголем дел и претходно беа исти, како што се условите за почитување на Преспанскиот и договорот за добрососедство со Бугарија.

Но, сепак како да тапкаат во место во оној можеби најбитен дел од преговорите, распределбата на ресорите во следната Влада. Освен со Заев, Ахмети пред една недела имаше средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според Христијан Мицкоски на неа не било разговарано за евентуална распределба на ресори. Тој изразува подготвеност да преговара со ДУИ за евентуално составување Влада, но вели такво нешто би било невозможно доколку има уцени.

– Господинот Али Ахмети ме информираше дека ќе отпочне преговори со СДСМ, со изговор дека тоа е партијата која што победила во македонскиот блок. Јас реков дека не се согласувам, бидејќи партијата која победи кај Македонците е ВМРО-ДПМНЕ и убедливо победи кај Македонците, изјави Мицкоски.

Ахмети  во предизборната кампања пред своите гласачи кажа дека Заев нема да биде премиер. Дека ваква опција е возможна, говори и реториката на сега веќе екс директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Таа вели дека за нејзината иднина ќе одлучува партијата и идниот премиер, но никаде не споменувајќи го лидерот на СДСМ.

-Во моментов повеќе не сум избран функционер од Владата затоа што сум пратеник во Собранието, а во иднина мојата партија и идниот премиер ќе одредат која функција ќе ја извршувам, вели Лукаревска.

Сомнежите дека Заев нема да шефува на Илинденска ги зголемува и самото тоа што ниту тој не сакаше да одговори дали камен на сопнување во преговорите со ДУИ е условот за Албанец премиер.

-Деталите ќе ги разговараме понатаму, јас можам многу пати да го повторам тоа, верувајте сензитивноста на процесот, се работи за македонската Влада, се работи за парламентарното мнозинство кое што треба да преземе чест и одговорност во наредните четири години, изјави Заев.

Дека кадровските решенија се можеби најголемата пречка за состав на Владата покажува и реториката на ДУИ.

-Јас сметам колку што сме блиску до договор, толку сме и далеку, за да кажам. Но, сепак сите страни мора да ги имаат предвид големите интереси на државата, изјави Ахмети.

Дека Ахмети барем засега тешко дека ќе отстапи од барањето за Албанец премиер покажува и поканата која што прати до сите албански за заедничка средба на 13 август. Овој потег многумина го протолкува како уште еден обид на првиот човек на ДУИ, да ги убеди партиските лидери од албанскиот блок да застанат зад идејата за Албанец премиер.

Матеја Петровски