СДСМ и ДУИ бараат решение за СЈО, но и спас од „бомбите“

СДСМ и ДУИ на долго и широко барале начин да го спасат СЈО, но и начин бомбите да не бидат доказ во кривични постапки меѓу кои се опфатени и лидерот на ДУИ Али Ахмети како и високиот функционер на партијата Бујар Османи. Сега власта се надева дека законот што го напишале нема да трпи промени кога ќе влезе во собранието, но потребното 2/3 мнозинство за истиот да стапи на сила го немаат обезбедено.

Министерката за правда Рената Дескоска денеска убедуваше дека со новото законско решение, каде бомбите нема да бидат доказ, немало да се нарушат постапките односно никој немало да биде амнестиран. Па оттука се наметнува прашањето ако бомбите биле само индиции како што вели Дескоска, зошто тогаш воопшто да не важат во постапките за случаи каде се осомничени и нивните коалициони партнери.

Со новата законска регулатива, СЈО треба да биде под капа на државното обвинителство, односно Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За да им најдат работа на обвинителите од СЈО, власта во законот одредила тие да се занимаваат со висока корупција односно кривичен прогон само на политичари и функционери.

Вчера опозицијата побара лидерска средба пред законот да влезе во Собрание, но генералниот секретар и пратеник на СДСМ Кирацовски денеска кажа дека нема да дозволат измени на законот. 8-те одметнати пратеници од ВМРО ДПМНЕ, досега не излегле со став дали и овој пат на власта ќе и го обезбедат 2/3 мнозинство.

Од досега сработеното, СЈО главно води кривичен прогон против поранешни државни и партиски функционери на ВМРО ДПМНЕ.

Катерина Гетева