СДСМ: Државата е на вистински пат

Индустриското производство во февруари бележи раст од 7,3 отсто, економијата е раздвижена, државата е на вистински пат, велат од центарот за комуникации со јавност на СДСМ.

„Економските показатели се јасни и континурано ја потврдуваат успешноста на политиките на Владата предводена од СДСМ. По највисокиот раст на индустријата во последните седум години, индутријата продолжува да расте и во 2019 година. Според официјалните податоци на Државниот завод за статитика, индустриското производство во февруари 2019 бележи раст од 7,3 отсто споредено со истиот месец од 2018. Истовремено растот на индустријата за периодот јануари-февруари 2019, е за 9.6 отсто повисок во однос на истиот период од минатата година.“, се вели во соопштението кое утринава го испратија од СДСМ.

Од партијата на власт тврдат и дека годините на уназадување додека државата се наоѓала во неизвесност и изолација се зад нас и дека денес со придвижувањето во процесот на интеграциите и со извесното членство во НАТО, економијата е стабилизирана и се движи во добар правец.

„Со влезот во НАТО и интеграцијата во ЕУ, дополнително ќе се интензивираат позитивните еконосмки трендови. Владата предводена од СДСМ продолжува со спроведување на мерките што обезбедуваат економски раст, нови работни места, нови инвестиции, повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани.“, стои во соопштението од СДСМ.