Свирежи за власта, аплаузи и овации за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на Мечкин Камен

    Македонија, македонскит народ, како и граѓаните кои ја почитуваат и сакаат оваа земја, денеска чествуваат 120 години од Илинденското востание и 79 години од Првото заседание на АСНОМ. Централната манифестација, традиционално се одржа на славниот „Мечкин Камен“ во илинденско и револуциoнерно Крушево. А таму, народ се’ помалку, ама револт и незадоволство – се’ повеќе.   

   Импозантна беше глетката на „Мечкин Камен“ од доаѓањето на неколкуте македонски коњанички чети, кои пристигнаа од повеќе краеви на Македонија како нераскинлив дел од деценискиот традиционален „Илинденскиот марш“. Тие беа пречкани со топол аплауз и со пеење патриотски песни. „Македонија вечна“, „Македонија на Македонците“, „Никогаш Северна, само Македонија“, одекнуваше од сите страни од историскиот „Мерчкин Камен“. А ист таков дочек му беше приреден и на лидерот на опозцијата, Христијан Мицкоски, кој годинава, за прв пат, заедно со високата делегација од ВМРО-ДПМНЕ, положи цвеќе и се поклони пред спомениците на паднатите илинденски херои. „Заеднички и сплотено, македонскиот народ застанува на патот на оние политичари кои од под маса продолжуваат да ја крчмат Македонија“, порача  Мицкоски од Крушево.

    „И овој ден Илинден претставува водилка како треба да живееме и како треба да ја чуваме нашата Македонија во иднина.А самото ова место „Мечкин Камен“ одекнува и денеска. Има големо и силно значење и денеска затоа што во една нерамноправна борба четата на војводата Питу Гули, борејќи се со повеќеброен аскер го положи својот живот, даде жртва за слободата која што ние денеска ја живееме. И денеска граѓаните на Македонија покажуваат пркос и знаат за што се бореат, а се борат за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина. Денеска од претставниците на власта ќе слушнете многу изјави, но додека ги зборуваат тие изјави пред медиумите, знајте дека под маса договараат дополнително да го распродадат македонскиот субстрат и македонскиот идентитет за ден повеќе во фотелјите и ден повеќе да можат да ја пљачкаат Македонија“, – истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.  

    За разлика од Коњаницата и Мицкоски, пристигнувањето на „Мечкин Камен“ на собраниската делгација, предводена од спикерот Талат Џафери, беше дочекана со силни свирежи и негодувања. Тој, целосно игнорирајќи го ваквиот дочек, од празничната говорница порача дека сега кога сме имале заедничка држава, сите сме биле одговорни неа да ја чуваме и развиваме, што всушност било и идејата уште од пред 120 години, нотирана во Крушевскиот манифест.

  Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија и патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденци. Тие биле свесни дека само со надминување на тесната и себична рамка, со отворање на умот и силно прегрнување на благодатите кои ги нуди заедништвото, ќе бидеме пример за нова и додадена вредност во регионот и пошироко. Тоа е наш долг кон сите што се бореа за таква граѓанска држава и општество во кое новите генерации ќе живеат, растат, се образуваат и творат во слободна, независна, модерна и напредна земја во која со радост ќе го славиме сите заедно Илинден, во чест на сите револуционери кои имаа удел во создавањето на европска Република Северна Македонија, а ние ќе бидеме горди европски граѓани“, – рече Талат Џафери, претседател на Собранието на Македонија. 

    Инаку, денешните чествувања, во Крушево започнаа рано утринава со полагање цвеќе во „Македониумот“, на Споменикот во Месноста „Слива“ и со Панихида во црквата „Св. Никола“. А во наредните 10 дена чествувањата ќе продолжат со традиционалната манифестација – Научно-културни средби 10 дена Крушевска република“, кои официјално започнаа вчера.

  Каролина Дурло    

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста