Светски ден на борба против ХИВ/СИДА – Владата ги намали парите за превенција

Денеска е светски ден на борбата против ХИВ / СИДА. Од оваа болест во Македонија досега починале 123 луѓе, а 451 лице живее со болеста. Според податоците на Институто за јавно здравје, во текот на октомври се регистрирани пет нови случаи.

Од здружението „Заедно посилни“ велат дека државата треба да направи многу повеќе за превенција и навремено отркивање на инфекцијата.

„Само 66% од проценетите околу 550 лица со ХИВ кај нас се свесни за својот ХИВ-позитивен статус, а 59% се на терапија. Ова укажува дека нашата земја треба да вложи многу посериозни напори за унапредување на насочените програми за превенција и тестирање, за кои е докажано дека даваат резултати и се дел од националната програма за ХИВ“, се вели во соопштението од здружението.

Според нив, една од главните пречки во успешното справување со ХИВ-инфекцијата претставува сè уште распространетата стигма. Во текот годинава Здружението „Заедно посилни“ документирало 4 случаи на одбивање на здравствена услуга на пациенти поради тоа што се ХИВ-позитивни и 3 случаи во кои им била повредена доверливоста на медицинските податоци.

Владата со предлог – буџетот за следната година планира да ги намали средствата за здравствена превенција. Повеќе невладини организации веќе алармираа за ова – велат дека иако државата планира да собере историски најмногу пари од граѓаните и компаниите, срествата за превенција се значително намалени, кај 7 од 10 програми, вклучително и онаа за ХИВ / СИДА.

Advertisements