Светска Банка со загрижувачки бројки: Една четвртина од Македонците се сиромашни, само 50 проценти од работоспособните вработени

Загрижувачки бројки за економската состојба во Македонија. Една четвртина од населението живее во сиромаштија, само 50 проценти од работоспособните се вработени, велат извештаите на Светска Банка за нашата држава. 25 проценти од македонските домаќинства живеат со помалку од пет долари дневно.

-Една четвртина од населението во Македонија живее во сиромаштија. Тоа е компатибилно со бројките од статистите на Светската Банка каде се класифицираат домаќинствата во кои се живее со помалку од пет долари на ден, изјави Марко Хернандез од Светската Банка.

Според Светската банка реформите што ги спроведува власта во Македонија не ги даваат посакуваните резултати. Се изразува и сомнеж околу прогресивното оданочување кое власта ќе го имплементира од следната година.

-Има пречки во однос на капацитетите за приходи за имплементирање на политиките. Ние сметаме дека има простор за подобрување на ефикасноста, кога станува збор за оданочувањето, но, исто така, кога го гледаме прогресивното оданочуваме забележуваме дека има една маргина и дека може да се биде попрогресивен без притоа да се поткопува ефикасноста, рече Марко Мантованели, директор на Светска Банка за Македонија.

Еден од најгорливите проблеми во нашата држава е и образованието, според Светската банка младите не добиваат доволно познавања во однос на годините кои ги минуваат во училишните клупи.

-Многу е важно да се подобри квалитетот на образованието. Тоа е еден од приоритетите за кои дискутиравме со Владата и за акциите кои треба да се преземат за подобрувањето на неговиот квалитет. Една од работите кои ги детектиравме е дека децата кои одат многу го години во училиште добиваат многу помало знаење во однос на годините колку што се образуваат. Критично важно е како да се подобри силата на образованието, изјави Линда Ван Гелдер, регионален директор на Светска Банка за Западен Балкан.

Светската банка предупредува и за системските проблеми по кои Македонија заостанува зад останатите земји, како што се политичката нестабилност, владеење на правото, контрола на корупцијата.

Матеја Петровски