Светска Банка предупредува, Заев оптимист за економски раст од 3.2%

Заев оптимист за разлика од меѓународните институции. За него не се проблем различните проекции на Светска Банка и Владата. Додека Светска Банка смета дека земјава ќе има најнизок раст во регионот од 2.9%, премиерот Заев е убеден дека не само што ќе се остварат проекциите за годишен економски пораст од 3.2 отсто, туку и дека ќе се надминат. Според него, уште во првиот квартал стопанството и граѓаните ќе успеат да избилдаат раст од дури 4%.

Бизнисмените, пак, сметаат дека економијата не може подрастично да тргне напред поради лошите состојби во индустријата. Овој сектор имал премало учество во БДП споредено со развиените држави.

Заев не смета дека и годинава продолжува лошата состојба со капиталните инвестиции како и лани. И покрај реализацијата од само 3 и пол отсто од капиталните инвестиции во првите два месеци од годинава, тој вели дека изградбата и модернизацијата на патиштата, железницата и гасоводот биле во полн ек и дека дури и она што било предвидено можело да се натфрли.

Заев на критиките на Светска Банка и на германските инвеститори дека зголемувањето на минималната плата ќе удри врз бизнисот, особено врз текстилната индустрија, одговара дека како левичарска влада се труделе да им помогнат на посиромашните. Уверува дека и покрај негодувањето на стопанството, бројките летово ќе биле позитивни и за граѓаните и за компаниите.

Тања Попова