Светска Банка: Најнизок раст, најдинамичен јавен долг – Македонија на дното во регионот

Најнизок раст, најдинамичен јавен долг. Македонската економија според Светска банка годинава ќе оствари само 2,9% раст на БДП, или најниско во споредба со земјите од регионот. Меѓународната финансиска институција ја задржа проекцијата за нашите економски перформанси, кои се исти со оние на Црна Гора со кои го делиме последното место. Од Светска банка предупредуваат дека јавниот долг ќе надмине 51% од БДП до крајот на годинава, што според нив ќе било резултат на парите што ќе се потрошат за изградба на автопатиштата. За стабилизирање на долгот, предупредуваат дека се потребни суштински структурни реформи.

– По стагнацијата во 2017 година растот минатата година достигна 2,7%, главно поради потрошувачката и нето извозот, а се забележува и закрепнување на нето инвестициите. Невработеноста продолжи да се намалува и достигна историски најниско ниво, но продолжи притисокот врз платите движен од недостигот на работна сила во некои сектори. Фискалниот дефицит во 2018 година се намали, но јавниот долг продолжи да расте. Со подобрувањето на политичката перспектива земјата треба да стави повеќе акцент на економските реформи за да може да се забрзаат процесите на конверзија со ЕУ, рече на прес-конференција Бојан Шимбов економист од Канцеларијата на СБ во државава.

Јавниот долг е предизвик, но уште повеќе невработеноста, која се намалува но структурно и натаму загрижува. Половина од невработените се млади. Притисок на пазарот на труд создава минималната плата која доколку продолжи вештачки да расте според Светска банка негативно ќе влијае врз стопанството, особено во текстилната индустрија. Дополнително, ако се има предвид и фактот дека во споредба со регионот земјава е најлоша во делот на продуктивноста.

– Во делот на одржување на растот постои потреба не само да се одржи макрофискалната одржливост, што значи дека треба да се спроведат политики кои ќе спречат натамошно зголемување на долгот. Македонија сега е на ниво на 49% од БДП, што може да се каже дека е умерено ниво на долг, меѓутоа има многу економии во Европа кои имаат помал долг коишто можат побрзо да растат, така што треба да се направи рамнотежа помеѓу одржливите финансии и во исто време изноѓање на политики коишто ќе го поттикнат растот, оцени Сања Маџаровиќ Шујстер, виш економист за СБ во регионот.

Позитивно за економистите од Светска банка е тоа што платите во приватниот сектор растат, а интересно е тоа што во извештајот по подолго време нема ништо за зголемениот број на административци, проблем за кој во речиси сите досегашни извештаи земјава беше критикувана. Експертите од Светска банка во секој извештај имаа по некоја препорака.

За подобрување на економските пероформанси, Светска банка бара засилени економски реформи, кои се и клучни ако земјава сака да ги достигне проекциите за 3,2% раст, колку што Светска банка очекува за догодина. Разрешувањето на прашањето со името, според Светска банка се очекува да ги забрза преговорите со ЕУ и да ја поттикне инвестициската активност во наредниот период.

Борис Грујоски