Светот се крена на нозе по најавата на Путин дека ќе спроведе делумна мобилизиација

Рускиот претседател Владимир Путин нареди итна мобилизација на 300.000 резервисти, со цел да се зголеми бројот на војници во војната со Украина. Портпаролот Дмитриј Песков соопшти дека руската влада „многу скоро“ ќе објави кои категории граѓани ќе бидат ослободени од мобилизација.. Мобилизацијата започнува денеска. Путин нагласи дека нема друг избор после сите закани и притисок од Западот.

„Во својата агресивна антируска политика, Западот ја премина секоја линија. Слушаме постојани закани против нашата земја и нашиот народ. Некои неодговорни политичари на Запад не зборуваат само за испорака на оружје со долг дострел за Украина, и ракетни системи кои би овозможиле Киев да го нападне Крим и другите руски региони, изјави Владимир Путин, претседател на Русија

Во однос на обвинувањата од западот дека Русија ќе искористи најсовремени оружја со кои може да се предизвикаат огромни штети Путин изјави дека такво оружје би употребиле само доколу Русија биде загрозена.

„Сакам да ги потсетам оние кои си дозволуваат такви изјави за Русија дека и нашата земја има разновидни оружја за уништување, а во некои области дури и помодерни од оние во земјите на НАТО. И ако територијалниот интегритет на нашата земја е загрозен, ние без прашање ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да ги заштитиме Русија и нашиот народ. Ова не е блеф“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија

Жестоки реакции во светот после објавата на Путин дека во Русија ќе има делумна мобилизација со цел да зголеми бројот на војници во агресијата во Украина. И Папата Франциск го осуди потегот на Русија. Тој изјави дека Украина е „маченик“, откако Владимир Путин потврди дека денеска ќе бидат мобилизирани руските резерви. Папата не ги именуваше Путин или Русија, но го осуди „дивјаштвото, монструозноста и тортурата“ што се случуваат во Украина.

Сепак Украина не е загрижена за ваквите вести што стигнаа од Москва. Советникот на шефот на украинскиот претседател Михаило Подољак, , го коментираше потегот на Владимир Путин.

„210-ти ден од „тридневната војна“. Русите кои бараа уништување на Украина на крајот добија: 1. Мобилизација. 2. Затворени граници, блокирање на банкарски сметки. 3. Затвор за дезертерство. Сè уште е според планот, нели? Животот има одлична смисла за хумор“, напиша советникот на Твитер, изјави Михаило Подољак

Украинскиот претседател Зеленски, синоќа по веста од Москва, смирено искоментира, дека позициите на Украина не се менуваат поради вревата или најавите од некои страни, и дека неговата земја  има целосна поддршка од нивните партнери.

После најавата за мобилизација настана хаос во Русија

Билетите за летови во еден правец од Русија до Турција се распродадени за денеска и во текот на викендот, неколку часа пред да започне делумната мобилизација на руските вооружени сили..

Бојана Златкова