Светот на раскрсница – големите сили го загубија компасот!

Меѓусебни санкции, прокси-војни, БРЕГЗИТ, масакри, геноцид и менување на правилата кои светот се навикна да ги почитува во последните неколку децении. Изминатата година помина во распламтување на грандиозниот економски судир меѓу САД и Kина, продлабочувањето на нетрпеливоста меѓу Русија и западните сојузници и маките на ЕУ како да и остане верна на својата суштина во ситуација кога Британија излегува, на балканските земји не им се дозволува да влезат, а милионските мигрантски бранови незапирливо удираат во ѕидовите на веќе не толку силната градба. На сето тоа, мачната војна во Сирија, каде сите се борат против сите, украинското буре барут, јеменската катастрофа со историски размери и терористичките напади кои, како што предвиде поранешниот германски министер за надворешни работи, станаа нешто на кое човештвото мора да се навикне како на неумолив судбински факт.

И сето тоа во сенката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој на својот директен начин, без дипломатски речник ги покажува насоките по кои најголемата светска сила планира да ги остварува своите геополитички амбиции. Го повлече американскиот потпис од нуклеарниот договор со Иран, и покрај гневот на муслиманите ја премести американската амбасада во Ерусалим, ја почна економската војна против Кина и по сите меѓусебни закани и навреди, оствари историска средба со севернокорејскиот диктатор Ким Џонг-ун.

  • Ќе имаме прекрасна соработка, немам никакво сомневање во тоа – рече по средбата американскиот претседател Доналд Трамп.
  • Ги надминуваме сите предрасуди кои стојат на патот на нашата идна соработка – додаде севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Но не само тоа, му заминаа или самиот отпушти половина од своите соработници во Владата, на средбите со европските сојузници повторуваше дека мора да платат повеќе доколку и натаму ја сакаат моќната американска заштита, дозволи разделување на децата од нивните родители во мигрантските кампови и неочекувано нареди повлекување на американската војска од Сирија, предавајќи им ја судбината на оваа земја на Русија и Турција кои таму очигледно имаат многу поголеми интереси.

Москва истовремено се мачи да ја протурка изградбата на Северниот поток два и на Турскиот проток, инцидентите во Азовското море ја носат до отворен судир со Украина кој може да ескалира во секој момент, но затоа Путин објави дека Русија поседува оружја кои по сите параметри се пред сите останати во светот.

  • Да, новото оружје „Авангард“ е недопирливо за сите сегашни и идни анти ракетни системи на потенцијалните непријатели. Тоа е голем успех и голема победа за Руската армија – порача рускиот претседател Владимир Путин.

А додека британската премиерка Тереза Меј од немајкаде го одложува гласањето за конечниот развод на Лондон и Брисел, нејзината помоќна колешка Ангела Меркел го најави своето конечно повлекување од политичката сцена на која самоуверено владее 13 години. Затоа третиот европски водач, Емануел Макрон неочекувано се соочи со гневот на францускиот народ кој не дозволува да ги изгуби тешко стекнатите права и привилегии. Синдромот на „Жолтите елеци“ потоа се пренесe во цела дузина други држави и во годината пред нас ќе видиме дали ќе остане само краток феномен или ќе прерасне во движење кое може да го измени ликот на Европа.

Во меѓувреме на Балканот ништо ново и ништо посебно. Турција и Грција постојано на работ на судир, Србија и Косово си подметнуваат сопки на секој чекор, Бугарија ја тресат пасошки скандали и историски недоумици, Хрватска гради мост за да ги спои своите брегови, ама не знае како да ги запре своите млади да не заминуваат од земјата.

Светот во 2019 година влегува, се чини по поделен и понетрпелив од кога било порано. Поделен меѓу две непомирливи струи на глобалисти и националисти, меѓу демократи и конзервативци, либерали и екстремисти и она најглавното и секако најтажното – меѓу оние што имаа премногу и оние што немаат ништо!

Драган Милосављевиќ