Самуил е бугарски цар, Кирил и Методиј го ширеле бугарскиот збор, Охрид е бугарски центар – Трумфализам во Бугарија

Цар Самуил е бугарски цар, Кирил и Методиј го ширеле бугарскиот збор, Преслав и Охрид се бугарски центри. Триумфализам во Бугарија. По две години битка , конечно победиле. Во Скопје сме ја признале, како што велат, очигледната историска вистина. Бугарската радосна вест за нивните достигнувања и победи ја сподели тамошниот – „Национален круг за Македонија“, платформа во која учествуваат бугарски професори, историчари и лингвисти.

Задоволството кај источниот сосед следи откако министрите за надворешни работи на двете држави вчера ги објавија усогласените препораки за заедничко чествување на пет историски личности и измени во историските учебници.

„Победа за бугарската историска наука! Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во однос на историските спорови со Северна Македонија стигна до првата победа! Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, што и тие го знаеја всушност многу добро. Цар Самуил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-покрстител Борис-Михаил го шират нивниот збор низ Бугарското царство, Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во РСМ“, пишува во изјавата на „Националниот круг за Македонија“.

Оттаму додаваат дека тие биле оние кои што ги убедувале евро-пратениците во Стразбур во бугарската вистина за Македонија и успеале сето тоа да го протнат во францускиот предлог. Откако се израдуваа на нивните успеси и достигнувања против Македонија, велат, немало да застанат тука. Ова било само првата победа, а следела и втора. На ред биле јазикот, браќата Миладиновци, Гоце Делчев и други…

„И понатаму ќе продолжиме да ги браниме бугарските интереси во споровите за јазикот и за личности како браќата Миладиновци и Гоце Делчев“, порачаа од Националниот круг „За Македонија”.
Воедно, ставовите што ги претставија овие професори, во суштина се истите со оние на бугарскиот претседател Радев, пред само 4 месеци, при посета на претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмајер, од Берлин порача дека не смееле да дозволат легитимирање на македонизмот во Европската унија. Бугарското здружение го повтори ваквиот став и додадоа дека во Македонија не постоело бугарско малцинство, туку бугарско мнозинство.

Никола Цветкоски