Само 8% од основните и 7% од средните училишта се изјасниле дека онлајн наставата има предности

Онлајн наставата е напорна, создава отпор и преоптеретеност кај учениците, – не може да се усогласи распоредот на часови со работното време на родителите – истражувањето на тимот на Народниот Правобранител покажува катастрофални резултати за обидот од март до јуни наставата да се одржува електронски – што од неспремност на Бирото за развој на образованието – што од немање технолошки ресурси.

Според истражувањето, само 8 отсто од испитаните основни и 7 отсто од испитаните средни училишта се изјасниле дека онлајн наставата има предности, сите останатите се изјасниле дека децата треба да одат во училиште, оти така наставата е поквалитетна.

Наставниот кадар, како во основните така и во средните училишта, во најголем процент делумно располагал со ресурси и информатички познавања за спроведување на онлајн наставата – пишува во истражувањето.

56 отсто од основните, и 63 отсто од средните училишта, сметаат дека учениците само делумно можеле да ја следат наставата. А 31 отсто од основните и 25 од средните, имале значајни проблеми. Ова покажува дека ќе останат трајни последици врз образованието, посебно по одлуката на Владата дека учебната година ќе започне од први октомври а ќе се одвива со далечинско учење.

Истражувањето, посебно ги издвојува децата со попреченост како категорија која била подзаборавена од институциите и асистентите кои го потпомагале процесот на онлајн настава. Народниот правобранител со препораки – итно да се создадат услови од материјален, технички и кадровски аспект, особено за реализирање на наставата за најранливите категории на деца.

Да се обезбеди еднаков пристап до квалитетно и непречено образование за маргинализираните категории деца, односно образовен систем во кој никој нема да биде заборавен – пишува во истражувањето.

Анкетата е спроведна во период од јуни до август 2020 година, на вкупно 72 училишта во Македонија.Народниот правобранител бара од Бирото за развој на образованието да преземе мерки како би гарантирале ефикасен наставен процес за сите ученици од основните и средните училишта.

Адријана Алексиеска